НовостиСветот на работникот

Јуридика: Европската директива со која се обезбедува баланс на професионалниот и личниот живот

   Време за читање 2 минути
Директивата со која се обезбедува баланс на професионалниот и личниот живот воведува збир на законодавни акти осмислени со цел модернизирање на постојните правни и политички рамки на ЕУ, со цел да обезбеди подобра поддршка за постигнување баланс на професионалниот и личниот живот за родителите и старателите, поттикнување на подеднакво споделување на родителското отсуство меѓу мажите и жените, и решавање на недоволната застапеност на жените на пазарот на трудот. Директивата, која беше усвоена од Европскиот парламент во април 2019 година, стапи на сила на 1 август 2019 година. Земјите-членки добија три години да ги усвојат законите, регулативите и административните одредби неопходни за усогласување со Директивата.
Следните мерки се опфатени со Директивата:
– Воведување на татковско отсуство: според директивата, татковците мора да можат да земат најмалку 10 работни дена татковско отсуство во моментот на раѓање на нивното дете, кое може да се смета за боледување или да добиваат целосен износ на плата.
– Обезбедување дека два од четирите месеци родителско отсуство не се пренесуваат помеѓу родителите, а висината на платата која ја добиваат во тој период го одредува земјата-членка.
– Воведување отсуство за негуватели: работниците кои обезбедуваат лична нега или поддршка на роднина ќе имаат право на пет дена отсуство годишно.
– Проширување на правото за барање флексибилни работни аранжмани на негуватели и вработени родители на деца до осум години.
Директивата е придружена и со збир на политички мерки кои се дизајнирани да ги поддржат земјите-членки во постигнувањето на целите за подобра рамнотежа помеѓу работата и личниот живот и подеднакво распределени одговорности за грижа. Тие вклучуваат:
– охрабрување на користењето на европските фондови од страна на земјите за подобрување на обезбедувањето услуги за формална грижа,
– обезбедување заштита на родителите и старателите од дискриминација или отпуштање од работа,
– отстранување на економските дестимулации за сопружниците кои немаат плата односно не заработуваат во семејствата.
Како резултат на овие мерки, директивата има за цел да го подобри не само балансот помеѓу професионалниот и личниот живот, туку и да придонесе за зголемување на вработеноста на жените и економската стабилност на семејствата.
Тимот на Јуридика