ЕкономијаМакедонијаНовости

Постојано носиме мерки да ги ублажиме последиците од енергетската криза, вели Ковачевски

   Време за читање 3 минути

Премиерот Димитар Ковачевски вели дека Владата постојано носи одлуки кои ќе овозможат непрекинато снабдување на електрична енергија во целата земја, но и одлуки кои нема да дозволат ценовен шок за граѓаните од зголемувањето на цената на струјата.

– Енергетската криза е европска енергетска криза, а јас велам секогаш и финансиска, бидејќи електрична енергија има, но таа има многу повисока цена исто како и цената на гасот, рече Ковачевски во договор на новинарско прашање откако изврши увид во реконструкција на училиште во Прилеп.

Тој вели дека Владата навремено презема мерки за ублажување на последиците од кризата. Уште на почеток на енергетската криза, додаде Ковачевски, донесовме мерка со која беше намален ДДВ од 18 на 5 проценти, со цел да се заштити цената да нема ценовен шок во однос на граѓаните.

– Исто така, како и во други европски држави ако направиме споредба, цената на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи кај нас е регулирана преку ЕВН хоум, што значи дека државата финансиски му помага на производителот на електрична енергија за да може да испорачува струја на ЕВН хоум, која нема да биде по цена која би предизвикала ценовен шок за граѓаните, рече премиерот.

За оние граѓани кои што имаат ниски примања и кои се од најранливите категории, потсети Ковачевски, веќе има мерка на Владата која што се однесува на 35 илјади граѓани кои имаат најниско ниво на пензии или ниски месечни примања.

– Веќе има 1000 денари месечен финансиски додаток за електрична енергија и за греење и веќе има дополнителни 9 илјади семејства на кои им е овозможено да добиваат месечен додаток исто така за покривање сметни за електрична енергија, рече Ковачевски.

Тој информира дека примената на мерките е започната уште минатата година, но оти се на сила и годинава.

– Владата носи постојано одлуки со цел да се обезбеди непрекинато снабдување со електрична енергија е во целата држава, вели премиерот Ковачевски.

Во врска со случувањата во Скопје поврзани со парното греење, тој истакна дека Владата морала да интервенира, оти во спротивно би се случило пад на енергетската мрежа бидејќи таа во Скопје е дизајнирана голем дел граѓани да се греат на парно.

– Во Скопје има 60 илјади домаќинства кои се греат на парно. Самата електрична мрежа во Скопје е направен за греење на парно. Доколку не биде испорачана топлинска енергија и сите граѓани се префрлат на греење на струја, тогаш може да се случи пад на системот односно на мрежата и да се предизвикаат уште поголеми проблеми, не само за граѓаните, туку и за компаниите, рече премиерот Ковачевски