3 Причини поради кои не успевате да ја промените кариерата
Подготивил: Бобан Илијевски
Независно од тоа дали сте подготвени да започнете нова кариера или да ги испробате вашите таленти и експертизи во нова индустрија, менувањето на кариерата може да биде доста тешко, пишува стратегот за кариера Адунола Адешхола за Форбс.
Само признавањето на самите себе дека сте подготвени за нешто ново и преиспитувањето на тоа кој е следниот чекор е доволно тешко. Да бидете вработени на позиција за која не поседувате доволно компетенции и поради која излегувате од вашата комфор зона може да биде тешка битка, вели таа.
„Но со оглед на тоа што им имам помогнат на корпоративни професионалци да извршат транзиција од финансии во маркетинг, односи со јавноста во човечки ресурси, банкарство во нафтен сектор, па во инженерство и многу други кариери, можам слободно да кажам дека не е невозможно успешно да се смени кариерата, како и дека не мора да се почне од почеток за да се успее“, вели Адешхола.
Таа посочува три причини поради кои луѓето не успеваат да ги променат кариерите:
Не ги поврзувате точките
Доколку вашето CV и профилот на LinkedIn не успеат да покажат дека сте заинтересирани за посакуваната позиција или индустрија, тогаш не ги поврзувате точките за регрутерите и менаџерите за вработување, за да ве забележат. Ова е една од причините зошто луѓето коишто сакаат да ја променат својата кариера се фрустрирани кога регрутерите ќе ги контактираат за работни позиции кои не ги посакуваат.
Таа истакна дека тоа не се случува поради неспособноста да се смени кариерата, туку заради тоа што регрутерите не знаат дека сакате нешто ново. Порачува дека треба да сте подготвени за промена. Доколку не сте, тогаш ќе ви пристапуваат погрешните регрутери преку вашиот LinkedIn профил. Додава дека кога ќе аплицирате за позицијата на која сакате да работите, менаџерите за вработување ќе претпоставуваат дека ги немате потребните вештини за да успеете во индустријата бидејќи не ги поврзувате точките за нив.
Не покажувате докази
И да сте добри за работната позиција која ја посакувате, доколку не покажете докази за тоа, тогаш нема да бидете потенцијален кандидат за вработување, вели Адешхола. Таа посочи еден пример: „Ајде да речеме дека сакате да преминете од продажба во маркетинг. Можеби сте работеле заедно со маркетинг тимот и неформално сте понудиле маркетинг стратегии кои направиле разлика. Доколку тоа не е доволно кога регрутерите ќе го читаат вашето CV, тогаш сигурно мислат дека немате доволно релевантно искуство“. Според неа, најдоброто можно сценарио е да ја промените вашата кариера, но да не морате да се вратите чекор назад или да почнете од почеток.
За да го избегнете ова, вели таа, треба да покажете како вашето искуство се совпаѓа со работната позиција и да покажете стриктни примери за да регрутерите и менаџерите за вработување видат дека ќе можете да се снајдете.
Немате доволно самодоверба
Доколку одите на интервјуа за посакуваната работна позиција, тоа значи дека напредувате, што е добар знак за тоа дека ги поврзувате точките и покажувате доволно докази за да поттикнете интерес кај регрутерите и менаџерите за вработување. Но, доколку не ве вработат после неколку интервјуа, тоа е поради што најверојатно сте го оставиле регрутерот да погодува дали ќе успеете на новата работна позиција, вели Адешхола.
„Секако, може да имате чувство дека можете да се соочите со предизвикот, но доколку постои дел од вас кој се сомнева или е загрижен дека вашето искуство не е доволно, тогаш тоа ви причинува недоверба во себеси. Споделувањето на приказни и примери е добро, но тие нема да ве однесат многу далеку. Доколку немате доверба во вашите вештини и искуство, менаџерите за вработување малку веројатно дека ќе ве одберат за работната позиција“, истакна авторката на текстот.
Знаењето како да се поврзат точките, да се дадат докази и да се има самодоверба кога се менува кариерата може да направи голема разлика помеѓу добивањето на подобра работна позиција во нова индустрија и останувањето на истата работна позиција во индустрија која повеќе не ја сакате. Доколку имате тешкотии при промената на кариерата, преиспитајте го вашиот пристап и направете ги потребните измени за да им покажете на компаниите дека можете да се снајдете на новата работна позиција, не покрај вашето искуство туку поради истото.
Автор: Адунола Адешхола
Извор: Forbes
Фото: Unplash

