АнкетиСветот на работникот

39 % од македонските граѓани би се иселиле во Германија поради високите плати; Хрватска е најпосакувана дестинација поради јазикот, морето и повискиот стандард (АНКЕТА)

   Време за читање 3 минути

Стотици илјади македонски граѓани се иселени од Македонија од осамостојувањето на државата во 1991 година. Најголема причина за иселувањето се ниските плати и нискиот стандард.

Редакцијата на порталот Работник спроведе кратка Фејсбук анкета за тоа во која држава би се иселиле македонските граѓани и зошто таму. Како опции им посочивме четири држави кои се најчеста дестинација на македонските граѓани, но и каде што има најмногу наши граѓани – Хрватска, Германија, САД и Австралија.

Најголемиот дел од вкупно 1,302 испитаници, односно 39 % ја одбрале Германија, поради поголемиот економски стандард и поголемите плати. 23 % ја одбрале Австралија, бидејќи таму има повисок стандард и повисоки плати, но и голем број на нашинци. 22 % се одлучиле за Хрватска, а причината е блискоста до Македонија и повисоките плати. И најмал број, односно 16 %, истакнале дека би сакале да се иселат во САД, поради тоа што подобро се живее од Европа и можат да се заработат поголеми плати.

Анкета 1

Имаше и голем број на коментари преку кои луѓето се изјаснија дека колку и да е лошо ќе останат во Македонија, а имаше и такви кои посочија дека би заминале во земјите од Скандинавија, конкретно во Шведска.

Дел од коментарите беа и во насока на тоа дека би заминале во Хрватска, бидејќи таму нема потреба да се учи нов јазик.

„Хрватска, зошто не морам да учам странски јазик“, вели еден граѓанин, но додава дека никогаш не би ја напуштил Македонија колку и да е лошо, бидејќи тука е роден.

Отсекогаш, во оној муабет, на прашањето, каде би сакала да живееш, освен во Македонија, мојот одговор бил Хрватска. Тоа не се изменило ни до денес. Освен што е блиску, сличниот менталитет и секако повисокиот стандард, тоа е поради хрватскиот јазик и морето“, стои во друг коментар.

Некои од коментарите беа и за тоа дека САД би била потенцијална дестинација за иселување, бидејќи ги чува и штити своите граѓани.

„Хрватска или Америка би пробал, можеби Америка не е добра во надворешните односи, ама затоа нејзините луѓе без разлика кои се, си ги чува и штити и што е најважно законот важи за сите, тоа ми се допаѓа“, стои во коментарот.

Коментари имаше и за тоа дека каде и да одиш ќе бидеш странец, без разлика колку време и да живееш во државата.

„Каде и да одиш секогаш ќе бидеш странец, колку години да живееш си странец. Еднаш кога ќе излезеш од дома никогаш нема да биде исто. Да не се лажеме и убедуваме“.

Инаку, податоците на Организацијата за економска соработка и развој – ОЕЦД покажуваат дека од 2011 до 2019 година, околу 700,000 граѓани се иселиле од Македонија.

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и главен и одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk.