7 типови на работодавачи и како да ги препознаете – Совети од експерт за култура на работните места

Подготвил: Бобан Илијевски 

Постојат добри и лоши шефови или работодавачи. Но постои и вид на шефови кои на почетокот се добри, за да подоцна го покажат вистинското лице.

Том Гимбел, извршен директор на агенција за вработување во Чикаго и експерт за култура на работни места, за CNBC Make it открива седум типови на шефови и како да ги препознаете.

„Постои една поговорка: луѓето се приклучуваат на компаниите, но ги напуштаат шефовите. Ова не е далеку од вистината“, вели Гимбел.

Според една анкета спроведена во јануари, 82 % од американските работници ги напуштиле своите работни места поради тоа што нивните шефови биле лоши менаџери.

Гимбел вели дека доколку ги распознавате првите знаци можете да избегнете да влезете во неволја.

Во продолжение следуваат седумте типови на шефови и како да ги препознаете:

  • Мелничар
  • Мотиватор
  • Дух
  • Нарцисоиден шеф
  • Шеф што сака да ти биде најдобар пријател
  • Одговорен, но грижлив шеф
  • Вулкан

Мелничар

Овој тип на шеф постојано работи напорно, што може да биде позитивно. Но може да направи да се чувствувате дека треба да работите исто колку него или во спротивно сте „потпросечен работник“, вели Гимбел. Овие типови на шефови никогаш не се задоволни со работата на другите. Со нив, можете да се најдете во ситуација да се „отепате“ од работа за ги задоволите нивните очекувања или да бидете мета на критики за недоволно работење.

Мотиватор

Овие шефови имаат големи лидерски квалитети, наведува Гимбел. Тие ве мотивираат кога ви е тешко, ве тапкаат по грбот кога ќе завршите некоја работа успешно и ви даваат поддршка секогаш кога ќе ви е потребна. Секогаш се оптимистични и сакаат постојано да гледате на „ведрата страна“.

Гимбел смета дека ова не е лошо, но нагласува дека константниот оптимизам и зборовите за мотивирање „можат да застарат малку понекогаш“. Шефовите – мотиватори понекогаш имаат проблем да ги прифатат лошите вести поради нивната преголема позитивност.

Дух

Овој тип на шеф има слаби лидерски способности бидејќи никогаш не е присутен, подвлекува Гимбел.

Често, ваквите шефови не се во тек со работата на нивниот им и не се слободни кога им се потребни на вработените. Не можат да им дадат корисен фидбек кој би можел да ги насочи кон правилната насока, со што на работниците им се отежнува работата.

Ваквиот тип на шефови може да наштети на кариерниот развој на вработените бидејќи не се покажуваат како добри ментори од кои можат да учат и да побараат помош, додаде Гимбел.

Нарцисоиден шеф

Нарцисоидните шефови се грижат само за себеси и за тоа како се чувствуваат, објаснува Гимбел. Нив најважно им е тие да имаат бенефит, додека работниците им се секундарна грижа. Ваквиот однос прави нивните вработени да се чувствуваат недоволно почитувани.

Според Гимбел уште еден фактор кој ги дефинира овие шефови е што постојано прават работите да се вртат околу нив. Уживаат кога им ласкаат и ја земаат заслугата за секоја добра идеја.

Шеф што сака да ти биде најдобар пријател

Овие шефови сакаат да бидат сакани од другите. Социјализирањето на работното место, како што вели Гимбел не е лошо, но на овие шефови поголем приоритет им е да стекнат пријатели отколку правилно да го водат тимот. Можат да ве попречуваат во работата и да го стагнираат прогресот на целиот тим поради тоа што сакаат да станат најдобри пријатели со сите.

Одговорен, но грижлив шеф

Најдобрите шефови балансираат помеѓу одговорноста и грижата, вели Гимбел. Тие даваат искрен фидбек за вашата работа, без разлика дали е добро или лошо завршена, и ве предизвикуваат да бидете што е можно подобри во она што го работите.

Тие реално се грижат за своите вработени како човечки суштества, истакнува тој. Тоа може да вклучува разбирање за работник кој има лош ден или пак се справува со некој приватен проблем и се обидуваат да му излезат во пресрет што е можно повеќе.

Пронаоѓањето или станувањето на ваков тип на шеф е тешко поради тоа што многу малку луѓе перфектно се вклопуваат во секој детаљ од дефиницијата, појаснува Гимбел. Сепак, шефот којшто барем се обидува да ги примени овие квалитети е оној за којшто сакате да работите или пак сакате да станете.

Вулкан

Вулканските шефови се слични на духовите, бидејќи „тие не се заинтересирани за работата што ја работиш“ и не успеваат да дадат совет или да водат, посочува Гимбел.

Разликата е во тоа што тие „еруптираат“ врз вработените кога не се задоволни од работата, не земајќи во предвид дека тие ја имаат најголемата вина поради што работата не е завршена како што треба.

Гимбел вели дека многу се мали шансите да работите или да станете ваков тип на шеф, бидејќи е нај редок.

Фото: Shutterstock