ЕкономијаМакедонијаСветот на работникот

Finance Think: Вработеноста во четвртиот квартал од 2021 година е намалена од 47.4% на 47.3%

Невработеноста во четвртиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 15.2% од претходните 15.7% (К3-2021). Но, се намали и вработеноста, од 47.4% на 47.3%. Овие остварувања се резултат на повторното пасивизирање на населението (помеѓу два квартала, близу 8,000 лица престанале активно да бараат работа). Ова се вели во Макроеономскиот монитор на Finance Think за четвртиот квартал од 2021 година.

Во четвртиот квартал од 2021, БДП се зголеми за 2.3% на годишна основа, со што целата 2021 заврши со раст на БДП од 4%. Овој раст е целосно во линија со проекцијата од Finance Think од 4.1%. Остварениот раст е резултат на понатамошната пост-пандемиска консолидација на економските текови, остварен на стабилизирана основа од истиот квартал од претходната година. Според дејности, растот произлегува од подобрите остварувања кај услугите, и посебно оние кои беа под директен удар на пандемијата: трговијата, транспортот и хотелиерството (9.2%). Додека, падот на преработувачката индустрија (-4.8%) продолжи (иако на висока споредбена основа), поради изразените неизвесности сврзани со ребалансирањето на глобалните пазари на стоки и импликациите за синџирите на снабдување. Сврзано со ова, извозот (1.8%) бележи стагнација, но бруто инвестициите (21.1%) бележат значајно закрепнување. Порелаксираното трошење во однос на 2020 и растот на платите ја поддржаа приватната потрошувачка (5.7%), додека јавната потрошувачка (6.5%) го одржа темпото на поддршка на пост-пандемиското заздравување, што е во линија со продлабочувањето ја буџетскиот дефицит во однос на привичните проекции (првична проекција 4.9%, а остварување од 5.3% од БДП).

Неизвесноста во економијата се засили на почетокот на 2022 година, како резултат на зголемените притисоци од цените на храната и енергијата на глобално ниво. Притисоците врз цените и изгледите за растот дополнително се влошија со инвазијата на Руската Федерација врз Украина на 24 февруари 2022. Во услови на неизвесност околу времетраењето и интензитетот на руско-украинскиот конфликт, како и околу можните ефекти од наметнатите санкции врз Руската Федерација за пазарите на енергенси, изгледите за растот на македонската економија во 2022 се изразено надолни, односно претходната проекција за 2022 од 4% станува нереална во новите околности. Нова проекција за растот Finance Think ќе објави во јуни 2022.