Ембарго, кризи и политичка нестабилност: По 34 години, дали економијата навистина порасна во Македонија?
Ембарго, приватизации, криминал, економски и финансиски кризи, битка за просечен стандард , битка за повисоки функционерски плати, се подлабок јас меѓу оние кои имаат и оние кои преживуваат, пишува Порталб.мк. 34 години државна независност. За македонската економија стапките на раст на БДП за 4% сеуште се сметаат за “дострел“ !
Економската независност преку “очите“ на економистите ..
8 ми септември 1991 година – граѓаните на референдум се изјаснија за иднината на државата – самостојна независна и суверена Република Македонија. Политичката независност го отвори патот и за економска – истата 1991 започнува а во 1992 година се спроведува и процесот на монетарното осамостојување под водство на тогашната “тројка“ : премиерот Никола Кљусев министерот за финансии, Методија Тошевски и гувернерот на НБМ Борко Станоевски. Економското созревање на државата беше проследено со бројни предизвици кои ќе остават траен белег и денеска, 34 години подоцна по независноста.
“На 34 години државите ги полагаат испитите по зрелост: веќе не е доволно да преживуваме шокови, треба свесно да избираме насока на развој. Нашата приказна има јасни пресврти — од инфлационите турбуленции и девалвацијата во 1997, преку кризата во 2001 и Охридскиот договор, до Преспа, НАТО и отпочнатиот европски пат. Во меѓувреме, ја изградивме ценовната предвидливост и банкарската стабилност-вели универзитетскиот професор Борче Треновски.
Економијата иако одамна е полнолетна – сеуште се бори со кризи, стабилност на цени, на јавен долг, одржлив трговски дефицит, подобар стандард,
“И по речиси 34 години независност, Северна Македонија сè уште не може целосно да се опише како економски созреана држава. Она што недостасува е долгорочна визија и континуитет во реформите“ – вели професорот Абил Бауш.
Настани и случувања со економски историски “печат„
Воведувањето на денарот како национална валута, пристапот до ЦЕФТА, либерализација на трговијата, почетокот на процесот на евроинтеграциите – ова според економистите се најважните позитивни настани со економски импулс.
“Ако погледнеме наназад, има неколку пресврти што ја обликуваа економијата. Во позитивен контекст, најзначајни беа: воведувањето на денарот во 1992 година и стабилизацијата на монетарната политика; пристапот до ЦЕФТА и отворањето кон регионалната трговија; како и инвестициите на странските компании по 2006 година, кои иако со ограничен ефект, сепак ја модернизираа дел од индустриската структура. Позитивен чекор беше и постепената интеграција со европските пазари, која обезбеди стабилен извозен канал“ – вели професорот Бауш.
Каде чекори економијата – ова е важно прашање од чиј одговор зависи дали ќе успееме да ја запреме “белата чума“ – најголемиот проблем кој како цунами удира во сите пори на општеството, велат аналитичарите.
“Останаа прашања што не смеат да се одложуваат: колку се квалитетни работните места и зошто младите заминуваат; колку е концентриран извозот и колку сме подготвени за нови шокови; дали јавниот долг и капиталните инвестиции придонесуваат за растот; дали финансискиот и социјалниот систем испорачуваат вредност за парите, дали имаме зрели институции и политички елити“ -вели професорот Треновски.
Без политичка стабилност и зрелост – нема ниту економска стабилност, вели економистот Бауш:
“Во негативен контекст, пресвртни точки беа економската блокада од Грција во 90-тите, конфликтот во 2001 година кој ја прекина економската стабилност, и глобалната финансиска криза во 2008 што ја покажа ранливоста на економијата. Денес, негативен фактор е и хроничната политичка нестабилност која создава непредвидливост за инвеститорите. Клучниот проблем останува што државата повеќе се потпира на задолжување и краткорочни мерки отколку на структурни реформи, па затоа економската зрелост е повеќе процес отколку реалност“
На 34 та година независност, економијата сеуште “плови“ во немирни води – најава за мега-инвестиции со странски кредити на централно и на локално, историски највисок буџет од 6,5 милијарди евра, јавен долг над 60% од БДП, битка со ценовен притисок, просечна плата што ја “јаде“ инфлацијата.