ЕкономијаМакедонија

АНАЛИЗА: Статистиките мерат помал ценовен притисок, трошоците за живеачка “горат”!   

Економските аналитичари очекуваат забавување на ценовниот притисок, но со проценка дека до 2029 та домашната економија ќе се соочи со инфлација не пониска од 3%, пишува Порталб.мк. И Владата со нови пооптимистички прогнози за годинава. За разлика од економистите, од Владата сметаат дека главните причини за ценовните притисоци доаѓаат само од надвор. 

Проценка на економистите, и во следните години инфлација над 3%, на светските берзи храната поскапува

Точно 1 142 евра се потребни за месечните трошоци на едно четиричлено семејство, новата синдикална пресметка за минималната кошница “горат”, покажа дека трошоците во октомври во однос на септември се зголемени за 15 евра. Според пресметката на “Порталб” врз основа на податоците од синдикалната минимална кошница, во октомври само за храна, пијалаци, комунални сметки и хигиена се трошат половина од парите.

                      Синдикална минимална кошница (октомври)

Храна и пијалаци                              26 170 денари 

Образование                                       7 192   денари

Облека                                                 6 749  денари

Станарина, комуналии                       6 379  денари

Рекреација и култура                         5 592   денари

Транспорт                                            5 468   денари

Хигиена                                               2 699  денари

Извор: ССМ 

Со останатите 50% од средствата треба да се задоволат потребите за облека, образование, здравство, транспорт, комуникации.  Наспроти ваквите мерења на ССМ, државната статистика бележи стагнација на ценовниот раст односно дека нема промена на трошоците на живот на месечно ниво. 

Според пресметките на Владата, во првите девет месеци од годинава просечната стапка на инфлација изнесувала 3,6% а најмногу ја “засилија” цените на храната, нафтените деривати, енергијата. Во вториот по ред ребаланс на Буџетот за годинава, проекцијата за стапката на инфлација се намалува под 4%. 

“Проекцијата за стапката на инфлација е ревидирана од 4,5% на 3,8% просечно за 2026 година. И во остатокот од годината инфлацијата останува неизвесна, со оглед на тоа што е под силно влијание на понатамошните случувања во надворешното окружување и ценовните движења на меѓународните пазари” се наведува во ребалансираниот буџетски документ.

За разлика од Владата, економските аналитичари сметаат дека не само надворешните фактори , туку и внатрешните политики “притискаат” на цените. На истекот од оваа економска година, економистите сметат дека инфлацијата ќе забави, но главните ризици остануваат –  растот на платите и зголемувањето на пензиите над законското усогласување дома, и геополитичките тензии надвор. Во нова прогноза се нотира дека инфлацијата  ќе биде пониска од претходната проценка но и во следните две години нема да се спушти под 3%. Годинава, според  изјавите на аналитичарите сумирани во новата Анкета на НБМ, ќе заврши со инфлација на ниво од 3,9%

                                   Проценка за инфлација

2026  година                            3,9%

2027 година                             3,3%

2028 година                             3,0%

Извор : Анкета на НБМ

“Во однос на ризиците, испитаниците и натаму ја нагласуваат зголемената неизвесност поврзана со геополитичките случувања, коишто директно влијаат врз цените на нафтата и енергенсите, како и нивното прелевање врз цените на останатите производи и услуги. Како домашни фактори со слично влијание се посочуваат потенцијалните зголемувања на платите и пензиите над законското усогласување, зголеменото кредитирање, како и растот на трговските маржи и цените на дел од услугите” се наведува во Анкетата на НБМ.

Според најновите податоци од ФАО, во септември во однос на август индексот на цените на храната е зголемен за 1,5%, а најголем пораст има кај житариците.

“На месечно ниво, светските цени на пченицата се зголемија за 6,3 % а на пченката за 5,6%, што се највисоки ниво во изминатите три години. -се наведува во  новиот извештај на ФАО.

Зголемување на индексот на цени има и кај шеќерот за 6,1%, за млечните производи 0,1%, кај месото за 1,1% додека кај растителните масла индексот е зголемен за 0,9%.