Светот на работникот

Ангажираноста на вработените продолжува да опаѓа: Три трендови кои ги загрижуваат работодавачите

Вработените ширум светот сѐ помалку се чувствуваат поврзани со својата работа, а падот на нивната ангажираност продолжува втора година по ред. Особено загрижува фактот дека менаџерите сѐ побрзо ја губат мотивацијата, а тие имаат клучна улога во водењето на тимовите и спроведувањето на деловните промени.

Послабата ангажираност не се одразува само на задоволството на вработените. Таа влијае и на продуктивноста, квалитетот на работата, како и на способноста компаниите да ги задржат стручните кадри и да се прилагодат на новите пазарни околности.

Податоците на истражувачката компанија Галуп предупредуваат на три важни трендови кои би можеле да ја обликуваат иднината на работата.

1. Ангажираноста на вработените е на најниско ниво во последните пет години

По растот забележан во текот на 2022 и 2023 година, глобалната ангажираност на вработените повторно почнала да опаѓа.

Трендот продолжил втора година по ред, а ниеден светски регион не забележал подобрување.

Ангажираноста притоа не значи само задоволството со работното место. Станува збор за тоа колку вработените се чувстуваат поврзани со својата работа, дали ги разбираат целите на компанијата и имаат ли мотивација да придонесат кон нејзиниот успех.

Кога ангажираноста опаѓа, компаниите не го губат само ентузијазмот на вработените, туку и дел од својот деловен потенцијал.

Вработените кои не се доволно ангажирани поретко покажуваат иницијатива, помалку се подготвени да вложат дополнителен труд и потешко се поврзуваат со долгорочните цели на организацијата.

Последиците се видливи и на глобално ниво. Според процените на Галуп, ниската ангажираност на вработените е поврзана со загубата на продуктивноста вредна 10 билиони американски долари годишно, што одговара на приближно девет процент од светското БДП.

Тие податоци покажуваат дека ангажираноста не е само прашање на организациска култура или задоволство на вработените, туку и важен економски фактор.

2. Менаџерите ја губат мотивацијата побрзо од вработените со кои раководат

Особено загрижува падот на ангажираноста меѓу менаџерите.

Токму тие се одговорни за секојдневното водење на тимовите, распределба на задачи, комуникација со вработени и спроведување на деловните одлуки.

Меѓутоа, нивната улога станува сѐ поизискувачка.

Во многу компании менаџерите денес водат поголеми тимови, преземаат дополнителни одговорности и истовремено се соочуваат со притисокот да остварат подобри резултати со ограничени ресурси.

Таквото оптоварување може да доведе до исцрпеност, губење на мотивацијата и чувство дека немаат доволно поддршка за квалитетно извршување на работата.

Проблемот е особено сериозен бидејќи ангажираноста на менаџерите директно влијае на начинот на кој вработените го доживуваат своето работно опкружување.

Менаџерот кој е преоптоварен и незадоволен потешко ќе им дава поддршка на вработените, ќе ги развива нивните вештини и ќе одржува позитивна атмосфера во тимот.

Тоа станува уште поважно во периодот на забрзани технолошки промени.

Воведувањето на вештачката интелигенција, автоматизацијата на деловните процеси и новите начини на работа изискуваат менаџери кои можат успешно да ги водат вработените низ промените.

Ако токму тие губат мотивација, компаниите се соочуваат со дополнителна препрека во прилагодувањето на идните предизвиците.

Довербата во пазарот на труд расте, но вештачката интелигенција предизвикува загриженост

Третиот важен тренд се однесува на перцепцијата на сигурноста на работата.

Дел од вработените денес попозитвно ги оценуваат можностите за пронаоѓање на нова работа отколку пред една година, што укажува на одредено подобрување на довербата во пазарот на трудот.

Меѓутоа, таквиот оптимизам не е еднавко изразен меѓу сите групи на вработени.

Истовремено расте загриженоста поради влијанието на вештачката интелигенција на иднината на одредени занимања.

Сѐ повеќе вработени размислуваат за тоа дали автоматизацијата ќе ги промени нивните секојдневни задачи или долгорочно ќе ја намали потребата за одредени работни места.

Таквата неизвесност особено може да биде изразена во дејностите во кои дигитализацијата и автоматизацијата забрзано се развиваат.

Стравот од технолошките промени може дополнително да ја ослабне поврзаноста на вработените со работата, особено ако компаниите не комуницираат јасно како нивните работни места ќе се променат.

Затоа отворената комуникација, вложувањето во нови вештини и вклучување на вработените во процесот на промена ќе бидат поважни за зачувување на довербата.

Што работодавачите можат да направат за да го намалат падот на ангажираност?

Падот на ангажираноста не е проблем кој може да се реши со повремени поволности, еднократни награди или организирање на тимско дружење.

На вработените, пред сѐ, потребни им се јасни очекувања, квалитетна комуникација, можност за професионален развој и чувство дека нивната работа има смисла.

Подеднакво е важно да се вложува во менаџерите.

Ако од нив се очекува да ги мотивираат вработените, да воведуваат промени и да остваруваат деловни резултати, мораат да имаат соодветна поддршка, знаење и доволно простор за квалитетно водење на тимовите.

Според податоците на Галуп, компаниите кои системски им пристапуваат на изборот, развојот и поддршката на менаџерите можат да остварат значајно поголемо ниво на ангажираност на вработените од глобалниот просек.

Тоа покажува колку квалитетот на раководење е важен за секојдневното искуство на вработените.

Компаниите кои сакаат да ја зголемат ангажираноста би требало да почнат од прашањето дали нивните менаџери имаат доволно поддршка успешно да ги водат другите.

Во време кога вештачката интелигенција го менува начинот на работа, а вработените сѐ повеќе ја преиспитуваат сопствената професионална иднина, довербата и квалитетното водење стануваат важни фактори за деловна стабилност.

Затоа, падот на ангажираноста не е само предупредување за секторите за човечки ресурси. Тоа е деловен предизвик кој го изискува вниманието на управата и менаџерите на сите нивоа.

Компаниите кои навреме ќе ги препознаат потребите на вработените, вложуваат во развој на менаџерите и создаваат поквалитетно работно опкружување ќе бидат поподготвени да ги задржат кадрите, да ја зголемат продуктивноста и успешно да се прилагодат на промените.

Извор: Bankar.me