Беше побрз од сите бродови на Атлантикот и подолг од „Титаник“: Сега намерно го потопија за да стане дел од огромен подводен гребен
Американскиот прекуокеански брод „СС Јунајтед Стејтс“ (SS United States), кој некогаш важеше за најбрзиот патнички брод во светот и беше подолг од познатиот „Титаник“, намерно беше потопен во близина на брегот на Флорида.
Бродот ќе добие нова намена – ќе стане дел од најголемиот вештачки океански гребен во светот, кој треба да привлече морски живот и љубители на нуркањето.
Потопувањето се случило во близина на Дестин, Флорида, во внимателно организирана операција, без употреба на експлозиви. Бродот во понеделникот го започнал своето последно патување од Алабама, по што бил подготвен за потопување.
Брод на кој патувале американски претседатели и светски ѕвезди
„СС Јунајтед Стејтс“ има богата историја. Од 1952 до 1969 година превезувал членови на кралски семејства, познати личности и американски претседатели на релацијата меѓу САД и Европа.
Меѓу неговите патници биле поранешните американски претседатели Хари Труман, Двајт Ајзенхауер и Џон Кенеди. На бродот патувал и Бил Клинтон, пред да стане претседател на САД.
Неговите патници вклучувале и бројни познати имиња од светот на уметноста и забавата, меѓу кои актерите Марлон Брандо, Џуди Гарланд и Кери Грант, модната дизајнерка Коко Шанел, музичарот Дјук Елингтон, сликарот Салвадор Дали и филмскиот продуцент Волт Дизни.
По речиси три децении во пристаниште, добива нова намена
Бродот речиси 30 години бил закотвен во Филаделфија, а минатата година бил префрлен во Алабама, каде што требало да помине низ процес на чистење и отстранување на потенцијално штетните материјали пред неговото потопување.
Со години постоеле иницијативи историскиот брод да биде зачуван како музеј или претворен во пловечки хотел. Сепак, ниту еден од овие предлози не бил реализиран.
Во меѓувреме, бродот менувал сопственици и пристаништа, а неговата иднина била предмет и на правни спорови.
Сузан Гибс, претседателка на организацијата „SS United States Conservancy“, која се залагала за зачувување на бродот, изјавила дека ѝ е драго што неговата приказна ќе продолжи да живее.
Нејзиниот дедо учествувал во проектирањето на бродот.
Покрај создавањето на подводен гребен, во план е и изградба на музеј на копно, посветен на историјата и наследството на легендарниот прекуокеански брод.
Извор: Blic.rs

