Бројот на заинтересирани работници мигранти се намалува
Во Европа, а особено во САД, расте непријателството кон доселеници. Двете најголеми економии на светот истовремено очајно бараат странска работна сила.
Извештај на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД) од минатиот месец, кому едвај и да му беше обрнато внимание, покажува дека миграцијата на работна сила се намалува ширум светот, иако општества кои се сѐ постари, се соочуваат со зголемена потреба од работна сила.
Политички отпор и построги визни режими
Таквиот тренд почна долго пред реизборот на Доналд Трамп, кој водеше успешна предизборна кампања со своите испади во однос на мигрантите. Според ОЕЦД, која ги следи глобалните економски и социјални текови, миграцијата на работна сила во нејзините 38 земји-членки во 2024 година се намалила за повеќе од една петтина.
Таквиот тренд, според ОЕЦД, се припишува помалку на побарувачката, а повеќе на зголеменото политичко одбивање на имиграција и построгите визни режими во одредени индустријализирани земји.
Сепак, привремената миграција на работна сила продолжила да се зголемува во анализираниот период.
Падот предизвикан од неколку земји
„Најголемиот дел од падот на трајната миграција на работна сила може да се припише на политичките промени во Обединетото Кралство и Нов Зеланд“, објаснува за ДВ Ана Дамас де Матос, виш аналитичар за политики во ОЕЦД.
Во Нов Зеланд, падот беше поврзан со крајот на еднократната регулатива за престој по пандемијата, која им овозможи на повеќе од 200 илјади привремени мигранти и нивните семејства да се стекнат со право на траен престој. Најголемата еднократна програма за престој во земјата истече во јули 2022 година.
Обединетото Кралство по Брегзитот го реформираше визниот режим за работници во здравството и негата на болни и изнемоштени лица, при што беа заострени критериумите за работодавачите и исклучени членовите на семејствата, заради што имаше нагло намалување на апликациите за виза.
Според ОЕЦД, поради ваквите ограничувања здравствениот сектор е особено погоден од недостигот на работна сила. Сита Шарма смета дека построгите прописи за меѓународни студенти во Обединетото Кралство се контрапродуктивни. Таа е експерт за прашања поврзани со миграцијата и била советник на Обединетите нации и индиската сојузна влада и владите на сојузните држави.
Повеќе тука

