Светот на работникот

Една работа ги разликува исклучителните лидери од обичните шефови

Во време кога успехот на менаџерите се мери со резултати, рокови и продуктивност, една карактеристика ги издвојува лидерите кои навистина успеваат да изградат добри тимови. Не станува збор за авторитет, харизма или способност за донесување на тешки одлуки, туку за тоа како на вработените да гледаат како на луѓе, а не само како на ресурси.

По две децении работа со директори, извршни раководители и експерти за лидерство, извршниот коуч и автор Марсел Швантес дошол до заклучок дека една карактеристика одново се појавува кај исклучителните лидери: способноста кон луѓето да се однесуваат со почит, достоинство и емпатија.

Во текстот за магазинот Inc., Швантес укажува на тоа дека бројни компании и понатаму вработените ги гледаат првенствено преку нивната функција во организацијата. Тие се луѓе кои треба да остварат одредени бројки, да завршат проект, да го испочитуваат рокот или да ги задоволат потребите на клиентот. Таквиот пристап, сепак, може да го претвори односот помеѓу вработениот и работодавачот во обична трансакција, во која вредноста на поединецот се мери исклучиво преку она што може да ѝ го пружи на компанијата.

Кога вработениот ќе стекне впечаток дека е важен само додека ги исполнува очекувањата, односот со надредените со текот на времето трпи, а со него и неговата мотивација на работа да го даде најдоброто од себе.

Вработените не се само функции во организацијата

Швантес смета дека суштинската разлика помеѓу просечен и исклучителен лидер се гледа токму во начинот на кој ги перцепира своите вработени. Наместо во нив да гледа само луѓе кои пополнуваат одредени позиции, добриот лидер препознава дека секој од нив има сопствени потреби, амбиции, предизвици и живот вон канцеларија.

Таквиот пристап подразбира повеќе од љубезност или повремено покажување на разбирање. Станува збор за начинот на управување во кој почитта и емпатијата се дел од секојдневниот однос со тимот, а не само вредности истакнати на ѕидовите на компанијата.

Лидерот кој покажува интерес за луѓето со кои работи им испраќа поинаква порака: новната вредност не зависи исклучиво од резултатите кои ги остваруваат. Тоа, според Швантес, создава основа за поквалитетен однос помеѓу вработените и раководителите, но и за културата во која луѓето имаат повеќе простор да бидат ангажирани и да го дадат својот придонес.

Затоа, прашањето кое лидерите треба да си го постават себеси не е само како од вработените да добијат подобри резултати, туку и како да создадат опкружување во кое луѓето ќе сакаат да го дадат својот максимум.

Бидејќи, како што истакнува Швантес, кога луѓето се третираат како обични средства за остварување на деловните цели, организацијата може да добие завршени задачи, а притоа да го изгуби она што ја прави разликата помеѓу обично извршување на работата и вистинско ангажирање на вработените.

Извор: BIZLife.rs