Енергетската заедница потврди: Македонија бележи значителен напредок во обновливите извори
Македонија бележи забрзан развој на обновливите извори на енергија, а растот на инсталираните капацитети веќе ја надминува динамиката предвидена со Националниот план за енергија и клима (НПЕК).
Ова е наведено во најновиот извештај на Енергетската заедница, кој го анализира спроведувањето на националните планови за енергија и клима и напредокот кон поставените енергетски и климатски цели во 2025 година.
Според извештајот, земјава бележи позитивен напредок во реализацијата на мерките од НПЕК. До 2030 година е поставена цел обновливите извори да достигнат 38 отсто од бруто финалната потрошувачка на енергија.
Најголем придонес во зголемувањето на производството од обновливи извори имаат фотонапонските и хидроенергетските капацитети. Нивниот развој придонесува за зголемување на уделот на електричната енергија произведена од обновливи извори во домашното производство.
Целта од 38 отсто се однесува на три главни сектори – производството на електрична енергија, греењето и ладењето и транспортот.
Енергетската заедница оценува дека националните цели на Македонија се усогласени со нејзината рамка и ги исполнуваат минималните барања во четирите категории опфатени со Националниот план за енергија и клима.
Во наредниот период, покрај изградбата на нови капацитети за производство на зелена енергија, поголем акцент ќе биде ставен и на намалувањето на примарната потрошувачка и подобрувањето на енергетската ефикасност.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини најавува модернизација на енергетскиот систем преку пазарно поврзување, поголемо учество на потрошувачите, развој на сопствено производство и потрошувачка на електрична енергија, како и создавање енергетски заедници.
Во фокусот се и системите за складирање електрична енергија и паметните мерни системи. Тие треба да обезбедат поголема флексибилност на електроенергетската мрежа и поефикасно искористување на производството од обновливи извори.
Од Министерството посочуваат дека извештајот за напредокот во спроведувањето на НПЕК е доставен навреме до Енергетската заедница, во согласност со обврските на земјата.
Според оценката на Министерството, досегашните активности го насочуваат енергетскиот сектор кон поголема енергетска сигурност, повисоко домашно производство од обновливи извори и поефикасен енергетски систем.

