ЕкономијаМакедонијаНовости

Finance Think: Мерките на Владата извршија најголемо позитивно влијание кај најсиромашните домаќинства

   Време за читање 4 минути

Finance Think го публикуваше Брифот за политиките “Ефективни и/или скапи? Дали владините мерки за справување со кризата со цените на храната и енергијата ги заштитија граѓаните?”

Целта на овој бриф е да ги оцени дистрибутивните ефекти од трите пакети мерки кои ги донесе Владата на Република Северна Македонија за справување со последиците од кризата со цените на храната и енергијата, главно предизвикана од инвазијата на Руската Федерација врз Украина. Со помош на нашиот МК-МОД – Микросимулациски модел на даноци и надоместоци, ги проценивме ефектите од мерките групирани во две големи групи: оние кои директно доделуваа помош во форма на доход, и оние кои оневозможија раст на цените и така спасија дел од доходот на домаќинствата.

Резултатите покажуваат дека мерките спасиле значаен дел од доходот на домаќинствата, посебно на посиромашните домаќинства и посебно мерките од последниот пакет кои се во сила во текот на оваа 2024 година. Гледано како удел во вкупниот доход, најголемо позитивно влијание овие мерки навистина извршиле кај најсиромашните домаќинства.

Меѓутоа, со тоа што значаен контингент од мерките беа нетаргетирани – најмногу мерките кои се однесуваа на цените, како замрзнати цени или профитни маржи, намалување на стапката на ДДВ, субвенционирање на цената на струјата и парното греење итн., тие во голем обем помагаа и на подоходовните домаќинства, кои тој товар можеа да го сносат самите. Ова посебно се однесува на мерките од првиот пакет.

Обемот на ваквите мерки до моментот на пишување на овој бриф (февруари 2024) значајно се намали – со враќањето на ДДВ за струјата на стандардната стапка, воведувањето блок тарифи, и сѐвкупно со поволните движења на пазарот на електрична енергија; но не исчезна, затоа што сѐ уште е во сила, на пример, субвенционирање на цената на електричната и топлинската енергија, како и замрзнатите цени на основните прехранбени производи. Земајќи го како валиден аргументот дека замрзнатите цени на производите имаат за цел да спречат нефер трговски практики кои се во корист на производителите и трговците (види Бриф за политиките бр. 65: Колкава е трансмисијата на меѓународните цени на храната во домашната економија?), сепак оваа анализа покажува дека, во обем, овие мерки повеќе им користат на подоходовните слоеви од населението.

Дополнително, анализата покажа дека, иако таргетираноста на мерките од третиот пакет којшто е сега во сила, е најголема од сите три пакети, сепак најмалку две од мерките носат ризик од зголемено буџетско оптоварување кога ќе се споредат со слични-по-дизајн мерки од минатото. Особено, финансиската поддршка за пензионерите останува со релативно широко таргетирање и, според тој дизајн, наликува на предизборна мерка.

Според овие наоди, следниве може да бидат насоки за носителите на политиките:

  • Клучно е владата да продолжи со процесот на намалување и елиминирање на нетаргетираните мерки. Со оглед на релативно поволните движења кај берзанските цени на енергентите, фазата на излегување од субвенционирање на цените на електричната и топлинската енергија треба да заврши поскоро а најдоцна до крајот на оваа година.
  • Неопходно е да се размислува за замена на нетаргетирана мерка за замрзнати цени на основните прехранбени производи со друг контингент мерки, зависно проблемите што евентуално се присутни на терен. Ако постои нефер договарање за цените на прехранбените производи, во услови кога растот на цените на инпутите во производиот процес или на цените од увоз е значајно намален, а кај некои производи дури и негативен, тогаш треба да се впрегнат механизмите на антимонополското законодавство, вклучително и со законско проширување на надлежностите на Комисијата за заштита на конкуренцијата.
  • Во однос на доходните мерки, нивно потесно таргетирање и калибрирање е неопходно за да ја поддржи фискалната консолидација. Ова посебно се однесува на обемот на трошењето за пензии. Дополнување на пензиите, освен кај најниските пензии, надвор од предвиденото законско усогласување претставува ризик за пензискиот фонд и за централниот буџет, воопшто.

Публикацијата е во прилог, и објавена на следниот линк