ЕкономијаМакедонијаНовостиСветот на работникот

Finance Think: Транспортот, хотелиерството и услугите со храна, изгубиле 9 500 работни места

   Време за читање 3 минути

БДП се намали за -1.9% на годишна основа во првиот квартал од 2021, вели анализата на Finance Think објавена денес. Оваа состојба се должи на третиот бран од пандемијата со Ковид-19, кој наметна продолжување на карантините дома и кај главните трговски партнери.
„ Во вакви околности, исцрпувањето на ефектите од две клучни владини мерки – субвенција за задржување на работните места „14.500 МКД по работник“ и еднократната парична помош за ранливи групи граѓани – ја задржаа приватната потрошувачка нешто над нивото од К1-2020 (раст од 0.4%). Додека, јавната потрошувачка ја започна консолидацијата по големата експанзија во претходните три квартали (во К1-2021, намалување од -2.2%). Инвестициите забележаа остар пад (-16.6%), што е рефлексија на воздржаноста од преземање позначајни потфати, но надворешната трговија покажа знаци на подобрување (раст на извозот од 8.6% и на увозот од 2%), што делумно се должи и на ослабувањето во текот на првиот квартал лани (ниска споредбена основа). На производната страна, најголем дел од дејностите се на или блиску до нивото од К1-2020, со исклучок на преработувачката индустрија која забележа пад од 6.2%,“ покажуваат резултатите од направената анализа.

фото-Макроекономскиот монитор К1 2021


Невработеноста во првиот квартал од 2021 понатамошно благо се намали, на 16% од претходните 16.1% (К4-2020), додека, вработеноста забележа понатамошно благо зголемување, од 46.8% на 47.1%, што упатува на стабилизација на пазарот на труд. Нема понатамошна пасивизација на активното население која беше интензивна во вториот и третиот квартал од 2020, но нема ниту позначајни знаци на реактивирање.
Во првиот квартал, транспортот, хотелиерството и услугите со храна, и другите услужни дејности изгубиле вкупно околу 9,500 работни места споредено со К4-2020, што е во линија со карантините и наметнатото затварање во пикот на третиот бран од пандемијата.
„Неизвесноста во економијата спласна во вториот квартал од 2021 со почетокот на процесот на масовна имунизација и постепеното намалување на рестриктивните мерки против коронавирусот. Под претпоставка дека економските текови ќе може да се нормализираат до разумен степен до почетокот на есента 2021, проекцијата за растот на БДП во 2021 изнесува 4.1%,“ покажува анализата на Finance Think.
Со официјални податоци за економските движења во земјата денес излезе и Државниот завод за статистика. Стапката на раст на Бруто-домашниот производ (БДП) во првото тримесечје од годинава е -1,9 проценти, што е идентична на објавениот показател на Finance Think.
Раст е забележан во секторот градежништво за 1,7 проценти, дејности во врска со недвижен имот за 0,5 проценти и во секторот земјоделство, шумарство и водостопанство за 0,3 проценти.
Државниот завод за статистика информира дека финалната потрошувачка на домаќинствата, вклучувајќи ги и непрофитните институции кои им служат на домаќинствата, номинално пораснала за 1,8 проценти, а нејзиното учество во структурата на БДП изнесува 65,5 проценти.
Извозот на стоки и услуги номинално е зголемен за 18,3 проценти, а увозот за 11,2 проценти.
Бруто инвестициите бележат опаѓање во делот на промената на залихите, велат објавените официјални статистички податоци.