Finance Think: Растот на минималната плата не е доволен за да таа порасне на 20,000 денари до 2024
Пет ветувања од Програмата на Владата 2020 – 2024 или 18,5 % се исполнија. На прв поглед оваа бројка не е висока, но мора да се има предвид дека поголем дел од ветувањата/целите се однесуваат на 2024 година, па порелевантни се резултатите во групите „во насока на остварување“ и „спротивно од насоката на остварување“, велат од Институтот за економски истражувања и политики Finance Think во 54 број на Бриф за политиките.
„Во групата исполнети ветувања главно се ветувањата за т.н. оперативни таргети во даночната сфера, односно намалувањето на стапката на ДДВ за ресторански услуги на 10%, на занаетчиски услуги на 5%, подигнувањето на регистрацискиот праг за ДДВ на 3 милиони денари, и незголемувањето на стапката на данокот на добивка. Од т.н. таргети на политиките, остварено е и ветувањето за намалување на сивата економија, која овде ја квантифицираме преку уделот на работници кои работат без договор за вработување, до 14% во 2024 година, но оваа бројка беше постигната веќе во 2020 (13.6%), поради формализацијата која настапи со цел работниците да ги искористат владините мерки во време на корона-кризата . Оттука, последниот индикатор може да забележи и влошување во 2021/22, доколку во меѓувреме не се преземени мерки за задржување на корисноста од формализацијата во време на пандемија “, велат од Институтот.
Според Finance Think, две ветувања, или 7.4%, не се исполнети, и тоа: намалувањето на персоналниот данок на доход во ИТ индустријата до 0% во 2023 година, а со предвидено намалување на 5% во 2021 и 3% во 2022 година, и зголемувањето на минималната пензија на 10.700 денари во 2021 година. Причините за неостварување на овие ветувања не се познати.
Четири ветувања, или 14.8%, се во насока на исполнување, се вели во Брифот за политики.
Тие вклучуваат: одржлив и инклузивен раст од 4%, обем на странски директни инвестиции (СДИ) до вкупен износ од 1 милијарда евра до 2024, зголемување на извозот до 8 милијарди евра во 2024, пораст на просечната плата за 20-30% до 2024.
„Причините за исполнувањето на овие цели се главно на страната на нивната реалистичност, како на пример фактот што растот од 4% кореспондира со проценетата потенцијална стапка на раст на економијата, или фактот што целниот вкупен износ на СДИ е еднаков на годишен просек од 250 милиони евра, што е во линија со остварените просеци во последната деценија“, велат од Finance Think.
Од Finance Think сметаат дека интересен е фактот што ветувањето за просечна плата која ќе достигне околу 34,000 денари во 2024 година е во насока на остварување, главно водено од релативно високиот номинален раст на просечната нето плата во кризните 2020 и 2021 година, а што беше овозможено од:
а) субвенцијата на социјалните придонеси на растот на платите во рангот 600-6,000 денари од ноември 2019 со важност од 3 години;
б) порастот на минималната плата од 12,508 на 14,500 денари во декември 2019, потоа на 14,932 денари во јуни 2020, и на 15,194 денари во март 2021;
в) изгубените работни места во текот на пандемијата кои беа, главно, нископлатени и влијаеа кон статистичко зголемување на просекот; и
г) порастот на платите воден од поволната (глобална) конјуктура во одредени сектори во време на пандемијата (како ИТ и финансии).
Дванаесет (12) ветувања, или 44.4%, се во насока спротивна од ветената, објаснуваат од Институтот.
Според него, оваа група вклучува широка лепеза ветувања, чиешто потфрлување ги класифицира во неколку подгрупи.
Првата подгрупа се ветувања/цели кои се поставени нереалистично, и главно ги вклучуваат ветувањата сврзани со инвестициите, односно: зголемувањето на обемот на капитални инвестиции до вкупно 2.2 милијарди евра во 2024, зголемување на обемот на инвестиции во патишта до вкупно 2 милијарди евра во 2024 и зголемување на приватните домашни инвестиции за 1.2 милијарди годишно. И покрај значајно пониските (но, сами по себе, не неопходно ниски) остварувања во периодот 2016- 2019, таргетите се поставени нереалистично високо. Втората подгрупа ги вклучува индикаторите кои биле под потенцијално влијание на коронакризата, односно кои би влегле во групите за „остварено“ или „во насока на остварување“ доколку не се случеше пандемијата. Сепак, со оглед дека ветувањата биле дадени во јули 2020, односно четири месеца по нејзиниот почеток, нивното неостварување не може да се оправдува со пандемијата. Таквите индикатори вклучуваат зголемување на продуктивноста, на бројот на фирми, намалувањето на невработеноста до едноцифрена стапка во 2024, поголема вработеност на младите, намалувањето на неактивноста и зголемување на вработеноста на жените. Третата подгрупа се индикаторите чие остварување може да биде реалистично, но коешто може да предизвика значајни дисторзии на пазарот или, ако е поддржано со државна помош, може скапо да чини.
„Најеклатантен пример е ветувањето за раст на минималната плата во рангот од 20% до 40%, односно до околу 20,000 денари во 2024 година. Имено, иако минималната плата забележа солиден раст и во текот на пандемијата, под влијание на законското усогласување со растот на БДП, платите и цените, сепак нејзиниот раст е недоволен за да го испорача даденото ветување“, велат од Finance Think.
Од Finance Think велат дека треба да се забележи дека за четири ветувања сè уште нема релевантен индикатор за 2020 година за тие да може да се класифицираат. Објаснуваат дека тие се главно сврзани со податоци кои Државниот завод за статистика треба да ги објави од Анкетата за приходи и услови на живеење, чиешто објавување во декември 2021 беше одложено без образложение.
Заклучуваат дека политичките ветувања од економско-социјалниот домен преточени во Програмата за работа на Владата 2020- 2024 година се остваруваат со различна динамика, но вкупниот заклучок е дека остварувањето е недоволно за да може да се каже дека тие се исполнуваат.
„Скоро половина, односно 44.4% од дадените ветувања во економско -социјалниот домен, моментално се остваруваат во насока спротивна од даденото ветување. Причините за оваа состојба вклучуваат нереалистично поставување на таргетите имајќи ги предвид претходните остварувања, нереалистично поставување имајќи предвид дека економијата е во криза предизвикана од пандемијата, како и поставување таргети кои може да го нарушат пазарот или кои може да блокираат неразумно голем контингент буџетски средства за ветувањето да се реализира“, велат од Институтот.
Оттука, Finance Think препорачува поставувањето на целите во програмите на политичките партии и, следствено, на Владата да биде реалистично и да води сметка за изводливоста и чинењето. Порамнувањето на политичките ветувања во економскиот домен со фундаментите на економијата, тековната фаза на развојот, како и со менталитетот на граѓаните и компаниите, ќе придонесе за подобри и поефективни економски политики.