Платите и работното време – најболни точки на македонските работници
Колумна на Бобан Илијевски
Платите во Македонија се болна точка, особено во време кога има нагло растење на цените, а стагнирање на платите. Минималната плата моментално изнесува 15,194 денари, а просечната плата во ноември 2021 година, којашто е последна објавена од Државниот завод за статистика, изнесува 29,130 денари. Сепак, анализите на економските експерти покажуваат дека просечната плата вештачки расте,поради тоа што најголемиот дел од луѓето кои добија откази од работа поради пандемијата со Ковид – 19 земаа минимална плата, односно кога работните места ќе се изгубат, повеќе ги нема на листата, па просекот расте. Тука улога играат и придонесите од 600 до 6,000 денари коишто ги исплаќа државата, со цел да се намали сивата економија. Исто така важен фактор којшто игра голема улога во зголемувањето на просечната плата се високоплатените индустрии, со тоа што остварија, односно остваруваат големи профити. Сето ова влијае врз просечната плата, за која можеме да се согласиме дека не е реална, бидејќи мал е бројот на работници коишто земаат толку плата, а многу поголем е оној на приматели на минимална плата.
Голем проблем со којшто се соочуваат работниците во Македонија е порамнувањето на платите. Тоа значи дека двајца работници кои имаат различни коефициенти на сложеност на работните места земаат слична или иста плата. Порамнувањето на платите, несомнено води кон поголема демотивација на вработените, бидејќи не може некој чија работа е дупло посложена од другиот, да зема иста плата со него. Мене лично ова би ме демотивирало, иако верувам дека и другите не би се почувствувале ни малку поразлично од мене. Во јавниот сектор, порамнувањето се случува поради тоа што колективните договори не се усогласуваат со растот на минималната плата, поради причина која за мене не е позната, а надлежните не сакаат да ја споделат. Треба да се нагласи дека порамнувањето на платите е исто така изразено многу во приватниот сектор, особено во малите компании, каде работодавачот одредува иста плата за сите, и покрај тоа што имаат различен коефициент на сложеност и вид на работни задачи. Ова мора да се промени, бидејќи ако остане исто, овие работодавачи ќе останат без работници.
Сериозен проблем е и немањето на евиденција за работното време на работниците. Во одредени компании има евиденција, но во поголемиот број истата не постои. Еве на пример, кога работев во фамозната сендвичара, првата смена започнуваше во осум, а завршуваше во шеснаесет часот, а втората почнуваше во шестнаесет, а завршуваше во еден часот после полноќ. Ретки беа тие денови кога се враќав дома веднаш после завршувањето на смената – често останував по еден до два часа повеќе и ПОГОДЕТЕ… Да погодивте – за тоа не ми беше платено дополнително. Така што, неизбежно е да се воведе поголема евиденција на работното време, за да може да се види колку работеле работниците и доколку е потребно да им се доплати за прекувремената работа. Во Македонија, прекувремената работа е сериозен, би рекол хроничен проблем, од кој страдаат голем број од работниците. Да, има и такви кои остануваат да работат доброволно после осумчасовното работно време, но се платени за тоа – и ДА, има и вработени кои остануваат, бидејќи ако не го направат тоа, можат да останат без работа. Робовладетели во 21 век, 2022 година, во Македонија, за жал се‘ уште има.
Мислам дека ниските плати и лошите услови за работа, каде спаѓа и непочитувањето на работното време, односно неисплаќањето на прекувремените работни часови, се едни од НАЈГОРЛИВИТЕ проблеми на македонските работници, коишто под итно мора да се решат.
