ЕкономијаСвет

Германските работодавачи против пензиската реформа: BDA предупредува на ризици за идните генерации

Моќната Унија на германски работодавачи (BDA) остро го критикува предлогот на владата за пензиска реформа и бара зголемување на старосната граница за пензионирање, укинување на предвремените пензионирања и прилагодување на системот кон растечкиот очекуван животен век.

Канцеларот Фридрих Мерц се соочува со сериозни предизвици во одржувањето на стабилноста на коалицијата меѓу демохристијаните и социјалдемократите, поради несогласувањата околу предложените измени. Притисокот врз владата расте од сите страни.

По барањата на група побунети демохристијански пратеници за промени во реформските закони, на критиките сега им се приклучи и BDA, пренесе DPA.

Претседателот на BDA, Рајнер Дулгер, на конференција во Берлин изјави дека „владата може да ги менува своите одлуки“ и додаде дека парламентот има обврска да ги исправи можните грешки на извршната власт.

Владата предлага просечната пензија да расте во согласност со растот на платите најмалку до 2031 година, како што е наведено во коалицискиот договор. Но дел од младите пратеници од партијата на Мерц се побунија против оваа одредба, доведувајќи ја во прашање потребната мнозинска поддршка за усвојување на законот во Бундестагот.

Економисти и стопанственици застанаа на страната на побунетите пратеници, а Дулгер го нарече предлогот „грев кон идните генерации“.

И покрај критиките, владата инсистира законот да помине во декември без измени.

Дулгер повторно побара зголемување на старосната граница за пензионирање, нагласувајќи дека граѓаните живеат подолго, и предложи укинување на можноста за предвремено пензионирање поради недостиг на квалификувана работна сила.

Извор: M.A./EUpravo zato/biznis.rs