Испраќањето на 500 евра кон европските земји сега е шестпати поевтино – вели Славески
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, на семинар на Европската централна банка во Франкфурт, на кој учествуваа претставници на централните банки од земјите кандидатки и потенцијалните кандидатки за членство во ЕУ, истакна дека приклучувањето на Македонија кон Единствената област за плаќања во евра (СЕПА) веќе ги намалува трошоците за меѓународните трансакции, а во првата година се очекува граѓаните и компаниите да заштедат повеќе од пет милиони евра од банкарски надоместоци.
Според Славески, испраќањето на 500 евра кон земјите од СЕПА сега е шестпати поевтино за граѓаните, додека трошоците за компаниите при трансакции од 20.000 евра се намалени деветпати.
Како следен чекор во модернизацијата на платежната инфраструктура, гувернерот го посочи воспоставувањето на регионална платформа за инстант плаќања, заснована врз европскиот систем ТИПС. Таа ќе овозможи пренос на пари во реално време, 24 часа дневно, седум дена во неделата, со цел олеснување на домашните и прекуграничните плаќања.
Осврнувајќи се на монетарната политика, Славески нагласи дека ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс се основа за предвидливо деловно окружување и одржлив економски раст. Притоа, при донесувањето на одлуките, Народната банка ги зема предвид и специфичните состојби во домашната економија, вклучително и инфлацијата, движењата на девизниот пазар, девизните резерви, платите и кредитниот раст.
На настанот присуствуваше и вицегувернерката Арљинда Хасани Синани.

