ЕкономијаСвет

Италија бара германска интервенција за да се спречи затворање на фабрика на „Хенкел“, загрозени 102 работни места

Италијанската влада побара од германските власти да интервенираат кај компанијата „Хенкел“ со цел да се спречи планираното затворање на фабриката на германскиот производител на детергенти и лепила во градот Ферентино, јужно од Рим. Со затворањето на производствениот погон би биле загрозени 102 работни места.

Италијанското Министерство за надворешни работи соопшти дека министерот Антонио Тајани испратил писмо до германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул, барајќи од него да разговара со раководството на „Хенкел“ и да помогне во пронаоѓањето алтернативни решенија за зачувување на производството и работните места, пренесува „Ројтерс“.

Компанијата на 17 ноември најавила дека планира да ја прекине производствената активност во фабриката во Ферентино до јуни 2027 година. Одлуката, според образложението на „Хенкел“, е поврзана со значителниот пад на производството, сложеното макроекономско опкружување и промените во навиките на потрошувачите.

Италијанското Министерство за индустрија во средата одржало прв состанок со претставниците на компанијата во врска со најавеното затворање. По разговорите, „Хенкел“ се согласила засега да не ја започнува формалната процедура за отпуштање на работниците, додека продолжуваат преговорите за можните алтернативи.

Следниот состанок меѓу претставниците на компанијата и италијанските институции е закажан за 13 јануари во Рим. Целта е да се најде решение со кое би се избегнало затворањето на производствениот погон и би се намалиле последиците за вработените.

„Хенкел“ претходно соопшти дека планира да продолжи со работењето во Италија, каде што има околу 700 вработени, комерцијално-административно седиште, два производствени погона и два центри за примена на индустриски лепила.

Извор: b92.net