Правда

МФ: Се предвидува укинување на исплатите во готовина кај финансиските друштва

Министерството за финансии работи на измени и дополнувања на Законот за финансиски друштва, со цел зајакнување на регулаторната рамка, поголема заштита на граѓаните и унапредување на транспарентноста и стабилноста во работењето на овие субјекти.

Законските измени предвидуваат воведување задолжителни внатрешни тела во секое финансиско друштво, меѓу кои одбор за внатрешна ревизија, одбор за кредитен ризик, надзорен одбор и други механизми за внатрешна контрола. Дополнително се зајакнува контролата при отворање на нови деловни простории, при што ќе биде потребна претходна согласност од Министерството за финансии, со јасно утврдени критериуми за условите на работење.

Со измените се предвидува и зголемување на основната главнина на финансиските друштва, како и укинување на исплатите во готовина, при што кредитните средства ќе се исплаќаат исклучиво преку банкарска сметка. Целта е поголема следливост на финансиските текови и намалување на ризиците од злоупотреби.

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за Телма истакна дека измените се резултат на засилени контроли и утврдени недоследности во работењето на дел од финансиските друштва.

Таа посочи дека по спроведените контроли се утврдени одредени слабости и непрецизности во постојната регулатива, кои оставаат простор за различни толкувања и практики, поради што се пристапува кон заострување на критериумите и воведување поголем надзор.

Како што додаде, дел од утврдените неправилности резултирале со мерки, вклучително и одземање на лиценци, а одредени постапки се покренати и по пријави од граѓани.

Со предложените измени се очекува значително зајакнување на надзорот и воспоставување повисоки стандарди за работење на финансиските друштва во земјата.