Светот на работникот

Му го згрешиле името во мејл, па го „откачиле“ од работа: Интернетот застана зад потенцијалниот вработен

Кандидат за работа тврди дека грешката во името можеби го чинела работно место, а интернетот застана на негова страна откако ја сподели преписката на социјалните мрежи. Корисникот на Reddit со прекар „ZachGamezzzz“ објави скриншот од е-поштата разменета откако регрутерот го контактирал, но му се обратил со „Рајан“.

Неговата објава предизвика повеќе од 14.000 позитивни реакции, а читателите реагираа и на грешката и на невообичаено остриот одговор од компанијата. Зек љубезно укажал на грешката, трудејќи се да задржи лежерен тон. „Се прашувам дали овој мејл ми е наменет мене, на Зек“, напишал тој, додавајќи: „Знам дека веројатно имате куп пријави, па затоа е тешко да се следат сите, ха-ха“.

Но, наместо брзо извинување и исправка, компанијата одговорила со порака која ги шокирала и Зек и другите корисници. Својата објава тој ја потпиша со коментар дека „избегнал куршум“.

„Жал ни е што би претпоставиле дека компанија со наша големина и влијание во индустријата за подобрување на домот би била неорганизирана и збунета во работата со потенцијалните кандидати“, се наведува во одговорот на регрутерот.

Во пораката понатаму се објаснува дека Зек веќе поминал телефонски разговор, што е првиот чекор во процесот на вработување. „Нашиот менаџерски тим не гледа баш благонаклоно на одземањето време од своите секојдневни обврски за да прегледува неквалификувани или послаби кандидати за позицијата за која некој се пријавува“, продолжиле тие.

„Се извинувам за непријатностите што ова можеби ги предизвикало. Треба ли да претпоставиме дека повеќе не сте заинтересирани за продолжување на процесот на аплицирање кај нас?“, заклучиле тие. Зек ја завршил својата објава на Reddit со една последна критика за тонот на компанијата, пишувајќи: „Можам со сигурност да кажам дека нема да ‘размислувам’ за кариера со нив“.

Dodged a bullet in the hiring process
by u/ZachGamezzzz in jobs

Извор: BIZLife/Index.hr