Светот на работникот

НАМЕСТО НА ПЛАЖА, ЗАВРШУВАМЕ ВО КРЕВЕТ Зошто се разболуваме токму кога ќе ни почне годишниот одмор?

Овој феномен, кој во странската литература се опишува како „leisure sickness“, се однесува на појавата кај која луѓето чувствуваат здравствени тегоби токму кога ќе престанат со работните обврски и ќе заминат на одмор.

Едвај го дочекавте годишниот одмор, а токму тогаш ве фаќа главоболка, настинка, замор или стомачни тегоби? Иако изгледа како лоша случајност, постои феномен познат како „leisure sickness“, или во слободен превод, „боледување за време на одмор“ кој го опишува токму овој необичен образец.

Терминот во 2001 година го вовел холандскиот психолог Ад Вингерхетс, откако со својот тим истражувал зошто кај некои луѓе здравствените тегоби се појавуваат токму за време на викендите или годишниот одмор.

Во истражувањето учествувале речиси 2.000 Холанѓани, а околу три отсто од испитаниците изјавиле дека се чувствуваат полошо за време на викендите и одморите отколку во вообичаените работни денови. Најчесто пријавувале главоболка, замор, болки во мускулите и мачнина, но и симптоми слични на настинка и грип. Сепак, важно е да се знае дека „боледувањето за време на одмор“ не е официјална медицинска дијагноза, туку опис на појава забележана кај дел од луѓето.

Особено подложни можат да бидат луѓето кои во текот на годината се изложени на висок стрес и големо работно оптоварување. Раширената претстава дека одморот автоматски значи дека телото веднаш се опушта не е сосема точна. Ако и по завршувањето на работното време продолжуваме да мислиме на работата, проверуваме електронска пошта и планираме обврски, организмот можеби воопшто немал вистинска можност за опоравување.

Кога стресот конечно ќе попушти, може да се почувствуваат последиците од претходниот период. За време на стрес организмот ослободува хормони како кортизол и адреналин, кои помагаат да останеме будни, концентрирани и подготвени да одговориме на обврските. Кога притисокот нагло се намалува, нивото на овие хормони се менува и заморот што дотогаш сме го потиснувале може да излезе на површина. Можно е да се појават и главоболка, чувство на слабост или дигестивни тегоби.

На промената реагира и имунолошкиот систем. Долготрајниот стрес може да влијае врз неговото функционирање, па кога конечно ќе се опуштиме, симптомите на инфекција која веќе се развивала можат да станат поизразени. Затоа не е чудно некој првиот ден од одморот да го помине со затнат нос, главоболка или целосна исцрпеност – иако впечатокот е дека токму одморот го „разболел“.

Решението, сепак, не е да се избегнува одморот, туку да не се чека годишниот одмор за телото првпат да добие можност да се одмори. Кратките паузи во текот на денот, прошетка, читање, време без телефон, хоби, квалитетен сон и јасна граница меѓу работата и приватниот живот можат да помогнат стресот да не се натрупува со месеци. Така на одмор ќе пристигнете помалку исцрпени и со поголема шанса првите денови да ги поминете на плажа, наместо во кревет.