Нови трошоци за малите трговци: Законот за пушење ќе ги принуди на итни инвестиции под закана од високи казни
Дуќанџиите, сопствениците на маркети и трафики се соочуваат со нов, непланиран финансиски товар по најавената имплементација на Законот за заштита од пушење од 1 март. Според предвидените одредби, трговците ќе мора итно да инвестираат во нови витрини и шкафови за преуредување на продажниот простор, во спротивно ризикуваат казни и до пет илјади евра.
Овие дополнителни трошоци, велат трговците, доаѓаат во момент кога многу мали бизниси едвај опстојуваат. Наместо средствата да ги насочат кон развој и унапредување на работата, тие ќе мора да ги потрошат за адаптација на објектите. Особено загрижени се семејните трафики, за кои ваквите инвестиции претставуваат сериозен удар врз егзистенцијата, а дел од сопствениците најавуваат и можни отпуштања на вработени.
Новиот закон предвидува забрана за изложување на тутун, односно цигари и други сродни производи во малопродажните објекти.
„Тутунските производи треба да се чуваат во затворени шкафови што не се достапни за потрошувачите. Шкафовите за складирање треба да бидат конструирани на таков начин што ќе се спречи визуелното прикажување на производите кога шкафовите се отворени. Тие не смеат да имаат надворешно осветлување и треба да бидат во боја што не го привлекува вниманието на посетителите“, се наведува во предложениот закон.
Голем дел од дуќанџиите се жалат дека имаат договори со добавувачи кои сè уште не се истечени. Дел од нив велат дека ќе имаат огромни загуби, бидејќи неодамна реновирале и ја поставиле неопходната опрема, витрини и безбедносни системи, прилагодени за продажба на тутунски производи од кои го остваруваат најголемиот дел од приходите.
„Со новите законски ограничувања, овие инвестиции практично стануваат бескорисни, а загубите за нас ќе бидат огромни. Вложувањата се направени со кредити и големи задолжувања, така што оваа нагла промена ни предизвикува сериозни финансиски проблеми. За голем дел од нас тоа може да значи и целосно затворање на бизнисот од кој се издржуваат многу семејства“, соопштија неодамна трговците на мало.
Дополнителна загриженост предизвикува и висината на казните доколку шкафовите не бидат во согласност со законските одредби на Министерството за здравство. Одговорните лица во маркетите ќе се соочат со казни од 1.500 до 2.000 евра, додека компаниите ќе бидат санкционирани во зависност од нивната големина.
„Со парична казна од 2.000 до 3.000 евра во денарска противвредност ќе се казни мало правно лице, од 3.000 до 4.000 евра средно правно лице, а од 4.000 до 5.000 евра големо правно лице за сторен прекршок“, се наведува во новиот Закон за заштита од пушење.
Трговците на мало бараат подолг преоден период, бидејќи, како што велат, се доведени во хаотична состојба. Според нив, ригорозните одредби ќе значат нагло раскинување на веќе потпишаните годишни договори со дистрибутерите на цигари и тутунски производи, преуредување на просторот и отстранување на брендираниот материјал од објектите, што може да доведе до финансиски колапс и отпуштање на вработени.
Дел од маркетите предупредуваат дека набавката на специјалната опрема за складирање на производите и исполнувањето на новите обврски ќе предизвикаат значителен еднократен трошок, но и зголемени тековни трошоци за одржување. Повеќето реагираат дека е физички невозможно во толку краток рок да се набави, монтира и подготви бараната опрема, особено поради недореченостите во однос на изгледот на шкафовите и специјалните кутии предвидени во законот.
За ова неодамна реагираше и Стопанската комора, од каде истакнаа дека директно ќе бидат засегнати околу четири илјади малопродажни објекти низ државата.

