ОД 7.783 ДО 21.500 ДЕНАРИ: Колку пораснаа пензиите во Македонија за една деценија?
Минималната пензија во Македонија за десет години пораснала од 7.783 на околу 21.500 денари, што претставува зголемување од приближно 176 проценти, покажува анализата на финансискиот магазин „Пари“. Раст е забележан и кај просечните и кај највисоките пензии, но процентуално најголемото зголемување е кај пензионерите со најниски примања.
Во истиот период, просечната пензија се зголемила од нешто над 13.000 на близу 29.000 денари, односно за околу 120 проценти. Највисоката пензија, пак, пораснала од околу 38.000 на над 97.000 денари, што е раст од повеќе од 150 проценти. Според анализата, значајна улога во ова движење имале и линеарните покачувања, кои процентуално имаа поголем ефект врз оние со пониски пензии и придонесоа за намалување на јазот меѓу најниските и највисоките примања.
Сепак, номиналниот раст не значи и автоматски подобар животен стандард. Иако пензиите значително се зголемија, односот меѓу просечната пензија и просечната плата денес е нешто понеповолен отколку во 2016 година, кога просечната пензија изнесувала околу 59 проценти од просечната плата. Од друга страна, минималната пензија денес е значително поблиску до минималната плата, но за реалната куповна моќ на пензионерите клучни остануваат инфлацијата и зголемените трошоци за живот.

