Околу 3,7 милиони работни места во европската индустрија се под ризик
Околу 3,7 милиони работни места во европските индустриски компании се директно загрозени поради финансиските проблеми со кои се соочува секторот, покажува нов извештај на консултантската компанија „Мекинзи“ (McKinsey & Company). Истовремено, под ризик е и повеќе од 500 милијарди евра додадена вредност, односно придонесот на овие компании во економската активност.
Според анализата, во текот на 2025 година околу 45 проценти од индустриските компании опфатени со истражувањето биле оценети како финансиски ранливи или сериозно финансиски оптоварени. Во 2023 година овој удел изнесувал 39 проценти, а во 2024 година 42 проценти. Прелиминарните податоци за 2026 година укажуваат на дополнително влошување на состојбата.
Истражувањето опфаќа речиси 1.200 производствени компании во Европа, јавни и приватни, со годишни приходи над 100 милиони евра.
Индустријата има клучна улога во европската економија
Индустрискиот сектор е еден од столбовите на европската економија. Компаниите од оваа област учествуваат со околу 36 проценти во вкупната додадена вредност, вработуваат 29 проценти од работниците и издвојуваат повеќе од 45 проценти од средствата наменети за истражување и развој.
Сепак, европските производители се соочуваат со сериозни предизвици, меѓу кои високите трошоци за труд и енергија, зголемената задолженост и послабата конкурентност во однос на Кина.
Според анализата, продуктивноста на трудот во кинеската автомобилска индустрија е 1,5 пати повисока од онаа во Европа. Дополнително, индустриската цена на електричната енергија во Европа во просек е повеќе од 1,5 пати повисока во споредба со Кина и САД.
Поради овие разлики, повеќе од половина од трошоците во индустрискиот синџир на вредност во Европската Унија се наоѓаат во неповолна конкурентска позиција во однос на Кина.
Европа заостанува и во инвестициите
Европскиот индустриски сектор се соочува и со недостиг од инвестиции во инфраструктура, машини, софтвер, производствени капацитети и истражување и развој.
Кинеските инвестиции во продуктивни средства во последните три децении бележат значителен раст, достигнувајќи околу шест билиони долари, односно 5,5 билиони евра во 2025 година. Во Европа, инвестициите речиси стагнираат и се движат околу три билиони долари, односно 2,7 билиони евра.
Во извештајот за конкурентност на Европската Унија од 2024 година, подготвен од поранешниот претседател на Европската централна банка, Марио Драги, беше посочено дека на Европа ѝ се потребни дополнителни 750 до 800 милијарди евра инвестиции годишно за да може да им конкурира на Кина и САД.
Компаниите бараат начини за намалување на трошоците
„Мекинзи“ анализира и примери на компании кои успеале да ја подобрат финансиската состојба преку реструктурирање. Меѓу мерките се издвојуваат затворање или продажба на нерентабилни делови од бизнисот, формирање посебни тимови за реструктурирање, како и употреба на вештачка интелигенција за намалување на административните трошоци.
Во дел од компаниите се разгледуваат и мерки за намалување на трошоците за работна сила, вклучително и замрзнување на новите вработувања, намалување на бројот на работници преку природен одлив и, како крајна мерка, раскинување на договорите за вработување.
Во три од пет компании анализирани во процесот на закрепнување, трошоците за труд биле намалени за повеќе од 15 проценти во период од 12 до 18 месеци. Во извештајот се наведува дека во дел од случаите соработката со претставниците на работниците и учеството на работничките претставници во надзорните структури имале улога во спроведувањето на промените.
Консултантската компанија предупредува дека закрепнувањето на европската индустрија треба да започне што поскоро, иако дел од проблемите, особено високите енергетски трошоци, зависат и од геополитичките и надворешните фактори.

