Оваа утринска рутина е клучна за успешен ден, вели тренер за ментални перформанси – а одзема само 4 минути
Имањето добра утринска рутина е клучот за успешен ден, според Синдра Кампхоф, д-р по психологија.
Тоа не значи само јадење здрав појадок или избегнување на екраните, вели Кампхоф, основач на „Mentally Strong Institute“ и тренер за ментални перформанси која соработувала со олимпијци, тимови од NFL и извршни директори на компании од листата „Fortune 500“.
Наместо тоа, таа ги инструира своите клиенти да практикуваат ментална техника од четири дела која обезбедува „начин да го започнете денот со позитивна енергија и позитивен фокус“, изјави Кампхоф за CNBC Make It.
Рутината може да се прави насекаде, а секој чекор одзема само околу една минута, вели таа: „Ова можете да го правите додека ја сушите косата, појадувате, па дури и додека возите кон работа“.
Кампхоф вели дека нејзините клиенти пријавиле дека се чувствуваат „посамоуверени, помотивирани“ и пофокусирани по користењето на оваа техника. Еве како функционира:
1. Вежбајте благодарност
Најмалку една минута секое утро, престанете со она што го правите и „размислувајте за работите за кои сте благодарни“, вели Кампхоф, што не значи дека треба да се фокусирате само на позитивните нешта: „Можете да бидете благодарни за работи кои се лесни или тешки“.
Таа предлага да си замислите „кратки исечоци“ (highlight reel) од врските, животните искуства и кариерните и деловните можности кои го обликувале вашиот пат.
Можеби звучи патетично на почетокот, но „благодарноста е една од најмоќните емоции“, вели Кампхоф. Одвојувањето време секој ден за да го признаете она за што сте благодарни може да има долгорочни позитивни ефекти како намалување на стресот и анксиозноста, подобрување на фокусот и сонот и развивање на попозитивен начин на размислување воопшто.
Успешните лидери како Опра Винфри и Џек Дорси исто така споделија дека практикувањето благодарност е клучен дел од нивната дневна рутина.
2. Потсетете се на вашата цел
Пред ментално да поминете низ вашата листа со задачи (to-do list), одвојте момент да размислите „зошто го правите тоа што го правите“, вели Кампхоф. „Повеќето луѓе само размислуваат за своите задачи и нештата што треба да ги направат во текот на денот, наместо навистина за тоа зошто ги прават“.
Кампхоф препорачува „визуелизирање на луѓето на кои ќе влијаете тој ден“ и размислување за тоа како ја „живеете вашата цел преку вашата работа“.
Имањето јасно чувство за цел може да ве направи помотивирани и поангажирани на работа, па дури и потенцијално да ви го продолжи животот, вели Кампхоф.
3. Поставете намери
Поминете една минута одлучувајќи кои се вашите намери за денот, надвор од „нештата што сакате да ги завршите“, вели Кампхоф: Размислете за тоа „кој сакате да бидете“ и како „сакате да се појавите“ во светот.
Некои примери би можеле да бидат: „Денес храбро ќе го водам мојот тим“, вели Кампхоф, или „Ќе бидам целосно присутен на денешните состаноци“.
Дефинирањето на вашите намери всушност ве прави посклони да ги постигнете, според Кампхоф: „Тоа ви помага да се појавите како личноста и лидерот што сакате да бидете“.
4. Зборувајте си позитивно на самите себе
На крајот, Кампхоф препорачува практикување позитивен самоговор (self-talk) за да ја зајакнете вашата ментална сила и самодоверба. „Започнувањето на денот со моќни мисли и моќна порака ви помага да изградите моментум“, вели таа.
Запрашајте се: „Што треба да мислам за себе, за моето лидерство и за моите способности за да ја достигнам мојата визија?“ вели Кампхоф.
Таа предлага креирање изјави кои почнуваат со „Јас ќе“, „Јас можам“ или „Јас сум“. На пример, ако сте нервозни поради одржување говор пред голема толпа, би можеле да си кажете: „Јас сум најдобриот говорник што луѓето некогаш го слушнале“.
Овие афирмации ќе ви „помогнат да се потсетите на тоа кои сте“, вели таа. „Тоа е моќно, бидејќи она што го мислите за себе, тоа и станувате“.
Извор: CNBC Make it

