Занимливости

Пријатели денес, странци утре? Дали сте слушнале за теоријата за пет години?

Речиси секој од нас барем еднаш застанал над стари фотографии или преписки и се запрашал: каде се сега сите тие луѓе? Пријателите со кои некогаш ја делевме секојдневицата, колегите без кои не можевме да го замислиме работниот ден, познанствата што изгледаа толку цврсти што бевме уверени дека ќе траат засекогаш. Кога ќе сфатиме дека денес тие односи се сведени на повремен „лајк“ или целосно исчезнале, често вината ја бараме во себе.

Токму тука на сцена стапува таканаречената теорија за пет години – теорија која вели дека поголемиот дел од луѓето со кои денес интензивно комуницираме, за пет години повторно ќе бидат странци. Не затоа што се случило нешто „лошо“, туку затоа што животот едноставно продолжува понатаму.

Сите фази на животот

Оваа теорија не зборува за површноста на односите ниту за емоционалната незрелост на современиот човек. Напротив, таа поаѓа од претпоставката дека нашиот живот се состои од фази и екосистеми: образование, работни места, градови, населби, интереси. Во секој од нив запознаваме луѓе со кои сме поврзани преку заеднички контекст. Кога тој контекст ќе се промени, врската често природно ослабува или исчезнува.

Размислете за луѓето со кои сте биле блиски пред пет години. Колку од нив сè уште се дел од вашето секојдневие? Повеќето ќе признаат дека тој број е изненадувачки мал. Сепак, тоа не значи дека тие пријателства биле лажни или безвредни. Тие биле вистински, само временски ограничени.

Проблемот настанува кога пријателството го мериме исклучиво според неговото траење. Научени сме односите да ги гледаме како обврски што мора да траат „засекогаш“, а секој прекин без драма го доживуваме како личен неуспех. Како пријателството да нема право да заврши мирно, без голема причина и без виновник.

Многу пријателства се сезонски

Правилото за пет години нуди поинаква перспектива: дека многу пријателства се сезонски. Некои луѓе се клучни за нашите дваесетти години, други за периодот кога градиме кариера, трети за родителството или за големите лични промени. Нивната улога не е помала затоа што не трае цел живот – таа е драгоцена токму затоа што била вистинска во тој момент.

Со прифаќањето на оваа идеја се ослободуваме од непотребна тага и чувство на вина. Наместо да жалиме за односите што згаснале, можеме да ги гледаме како поглавја што ја исполниле својата цел. Исто така, престануваме да ги оптоваруваме сегашните односи со очекување на вечност.

Во тоа има и одредена убавина. Ако знаеме дека ништо не е засекогаш загарантирано, разговорите што ги водиме денес стануваат повредни. Пријателствата што ги имаме сега не мора да траат четириесет години за да бидат значајни. Доволно е да бидат искрени во овој момент.

Секако, постојат и односи што го преживуваат тестот на времето. Тие се поретки, но токму затоа и посебни. Правилото за пет години не ја намалува нивната вредност – напротив, дополнително ја нагласува.

На крајот, оваа теорија не зборува за загуба, туку за движење. Луѓето доаѓаат, луѓето заминуваат, а ние се менуваме заедно со нив. Не ги губиме пријателите – правиме простор за нови познанства, нови фази и нови верзии од себе. И во тој круг, сосема е во ред да не ги задржиме сите.

Извор: Bizlife