СветСветот на работникот

PwC отпушта 1.500 вработени во САД – Така ќе направат и останатите од „големата четворка“

   Време за читање 2 минути

Една од најпознатите светски ревизорски и консултантски компании, PricewaterhouseCoopers (PwC), објави дека ќе отпушти околу 1.500 вработени во САД, што претставува приближно 2% од вкупно 75.000 вработени кои компанијата ги има во земјата, објави Financial Times.

Според информациите, најмногу се погодени секторите за ревизија и даноци. Од компанијата посочуваат дека главната причина за овој потег е долгорочно ниската флуктуација на кадар – односно, мал број вработени доброволно ја напуштиле компанијата во изминатите години.

Пред да се одлучат за отпуштања, менаџментот на PwC со месеци анализирал каде има вишок кадар и се обидел да прераспредели стотици вработени од помалку потребни оддели кон области со поголем раст и побарувачка.

Вработените кои се погодени од оваа одлука биле известени преку плаформата Microsoft Teams, во понеделник и вторник оваа недела.

„Ова беше тешка одлука, донесена внимателно и со целосна свест за влијанието врз нашите луѓе. Ниската флуктуација во изминатите години нè доведе до неопходноста од ваков чекор“, изјавиле од PwC за Financial Times.

Меѓу отпуштените има и млади професионалци кои штотуку ја започнале својата кариера во компанијата. Еден од нив, кој се приклучил на PwC во септември, изјавил дека е „целосно уништен“ и дека ваквиот потег ги затекнал сите неподготвени.

Ова не е прв случај на отпуштања во PwC. Во септември минатата година, компанијата веќе отпушти 1.800 вработени од своето одделение за производи и технологии – што беше првата официјална рунда отпуштања од 2009 година.

И останатите компании од т.н. „голема четворка“ – KPMG, EY и Deloitte – неодамна најавија намалување на бројот на вработени. Deloitte минатиот месец соопшти дека ќе отпушти непознат број вработени од консултантскиот сектор поради притисокот за намалување на трошоците. EY, пак, во февруари отпушти 100 луѓе, што е околу 1% од вработените во САД, додека KPMG во ноември минатата година отпушти 330 лица – околу 4% од својот американски кадар, исто така поради ниска флуктуација.