Светот на работникот

Емпатија е вештина на лидерството која вештачката интелигенција не може да ја замени

ВИ може да обработува информации, да препознава обрасци, да пишува извештаи и да извршува задачи со незамислива брзина. Но постои нешто што технологијата не може автентично да го направи – навистина да и’ е грижа за луѓето. Токму затоа емпатијата станува една од најважните вештини на современите лидери.

Со влегувањето во ерата на вештачката интелигенција се менува и начинот на кој размислуваме за човечките способности. Ако ВИ може да пронајде попрецизни информации од целиот тим и да ги анализира за неколку секунди, самиот факт дека некој е „најпаметната личност во просторијата“ повеќе не е доволен. Вредноста на лидерот се’ повеќе се гледа во она што технологијата не може да го пружи – во способноста да ги разбере луѓето, да ги сосолуша и да им помогне да се чувствуваат видено и ценето.

Според Даг Нол, автор на книгата Empathy Leadership, емпатијата е „научена способност емоционалното искуство на другото лице да се воочи и именува од перспектива на таа личност“. Нол, пред да стане медијатор, работел како адвокат. Од 2010 до 2020 година, заедно со колешката Лорел Кауфер, обучувал илјадници затвореници во Калифорнија за техники за спречување на насилство во затворите. Емпатијата била основа на неговиот пристап кон деескалација на конфликти и регулација на нервниот систем.

„Емпатијата често се сведува на нејасна идеја за тоа што другата личност чувствува. Но таа не е нејасна. Тоа е прецизна неврофизиолошка вештина која секој може брзо да ја научи и да ја примени“, објаснил Нол.

Неговата работа покажува колку емпатијата може да биде моќна, особено во ситуации во кои довербата, сигурноста и меѓучовечките односи се клучни. Во деловното опкружување таа е важна поради најмалку четири причини.

Луѓето сакаат да бидат ценети

Вработените не ги напуштаат компаниите нужно поради платата, обемот на работа или недостаток на можности за напредување. Често заминуваат затоа што имаат чувство дека нивниот труд никој не го забележува и не го цени.

Авторот на текстот наведува пример од вработена која после 20 години работа во компанијата добила мејл во кој и’ бил честитан јубилејот. Меѓутоа, кога сфатила дека пораката била генерирана од вештачката интелигенција, задоволството изостанало. Иако формално била пофалена, пораката немала личен тон и оставила впечаток дека нејзиниот менаџер не сакал да вложи ни малку време во неколку сопствени реченици.

Разликата помеѓу признанието и вистинското чувство на благодарност често се наоѓа во личниот пристап. Луѓето сакаат да знаат дека некој навистина го забележал нивниот придонес. Никој не сака да добие автоматизирана пофлаба.

Односите му даваат смисла на работата

Работното место не е само простор во кој ги извршуваме задачите за кои сме платени. На работа се создаваат пријателства, сојузништва и односи кои често го надминуваат работното време и траат со години.

Вештачката интелигенција може да обезбеди огромна количина податоци, но за нивно смислено, корисно и етичко користење потребни се човечко искуство, разбирање на контекстот и способност за препознавање на нијансите. Токму овие елементи овозможуваат да се изградат квалитетни односи меѓу колегите.

Добрите односи им помагаат на вработените да пронајдат цел, припадност и чувство дека се дел од нешто поголемо од листата на задачи.

Довербата не може да се автоматизира

Довербата е еден од темелите на работното опкружување во кое луѓето се чувствуваат безбедно, вклучено, почитувано и ценето. Таа им овозможува на вработените да изнесат поинакво мислење, да предложат ризична идеја или да признаат грешка, со уверување дека лидерот нема да ги напушти кога работите нема да одат според планот.

Довербата се гради бавно, преку разговори, искуства и постепено уверување дека она што ќе го споделиме со друга личност е безбедно. Истовремено, може да биде уништена многу брзо.

Луѓето природно се насочени кон поврзување со другите и имаат потреба да им веруваат на луѓето околу себе. Затоа, градењето доверба не е само рационален процес, туку и емоционално искуство кое се потпира на емпатијата.

Вештачката интелигенција може да имитира емоции, но не ги чувствува. Токму поради тоа не може да изгради ист вид однос каков што настанува меѓу луѓе кои меѓусебно се разбираат и на кои навистина им е грижа.

Разбирањето на луѓето го извлекува нивниот најдобар потенцијал

Емпатијата ни помага подобро да се разбереме себеси и другите. Таа им дава на лидерите алатки да ги препознаат туѓите емоции, внимателно да одговорат и да создадат средина во која луѓето се чувствуваат безбедно.

Кога подобро ги разбираме сопствените емоции, полесно забележуваме како влијаеме врз другите. Истовремено, стануваме посвесни дека другите луѓе не размислуваат и не чувствуваат на ист начин како нас.

За лидерите тоа значи дека не е доволно да имаат пристап до најдобрата технологија. Потребно е да развиваат луѓе – да разберат како да се поврзат со нив, да ја стекнат нивната доверба и да им помогнат да ги искористат своите способности.

Без овие темели, дури ни најнапредната технологија нема да може да го оствари својот целосен потенцијал.

Најважните спомени од работата нема да бидат поврзани со технологијата

Кога ќе се навратиме на нашето работно искуство, веројатно нема најмногу да се сеќаваме на софтверот, платформите или алатките што сме ги користеле. Ќе се сеќаваме на лидерите кои го препознале потенцијалот во нас што самите не сме го виделе. Ќе се сеќаваме на колегите со кои сме изградиле пријателства, на луѓето кои нè сослушале и на односите кои ни помогнале да ги пребродиме тешките периоди.

Технологијата ќе се менува, ќе доаѓа и ќе си заминува. Сепак, врските што ги градиме со луѓето оставаат потрајна трага.

Токму затоа емпатијата не е „мека“ вештина која може да се занемари во корист на продуктивноста и автоматизацијата. Таа е една од клучните способности што ќе ги разликува добрите лидери од оние кои само знаат да ги користат најдобрите алатки.

Извор: BIZLife