Работата од дома ја поттикнува невработеноста на младите
Работата од дома, која вистинска експанзија доживеа по пандемијата со коронавирусот, станала неочекуван непријател на младите кои излегуваат од факултетите, покажувa истражувањето на њујоршките Федерални резерви.
Според анализата, експанзијата на работата на далечина носи одговорност за дури 64 % од неодамнешниот пораст на невработеностa меѓу младите, пренесува CNBC.
Податоците покажуваат дека стапката на невработеност меѓу младите дипломци во САД, скокнала на 5,6 % во март, во споредба со 3,6 % колку што изнесувала во истиот период во 2019.
Економистите истакнуваат дека, додека јавноста во главно ја обвинува вештачката интелигенција (ВИ) за губењето на почетните позиции, работата од дома всушност има далеку полошо влијание врз младите.
Како што се наведува, работодавачите не сакаат да вработуваат свежи дипломци кои работат од дома бидејќи процесот на обука и ментроство на далечина е исклучително тежок и неефикасен.
„Работодавачите избегнуваат да ангажираат неискусни работници кога тие не се физички присутни во канцеларија. Работата од дома ја ослабело желбата на фирмите да вработуваат млади бидејќи им ја комплицира обуката на работното место“, наведуваат авторите на студијата во блогот на Фед.
Младите работници кои работат одвоено од своите колеги добиваат значајно помалку повратни информации, што драстично го забавува нивниот профсионален развој. Истражувачите како пример ги навеле податоците на една голема мултинационална компанија од листата на Форчен 500, која признала дека свесно го намалила вработувањето на неискусни работници токму поради предизвиците кои ги носи едукацијата преку екран.
Според анкетата на агенцијата Галуп, севкупно шест проценти од генерацијата З сака да работи исклучително од канцеларија, додека големо мнозинство од 71 % сакаат т.н. хибриден модел, односно комбинација на работа во канцеларија и дома.
Економистите на Фед предупредуваат дека оваа ситуација би можела да има долгорочни и трајни последици по кариерата на младите. Првите години по факултетот се клучни за вмрежување и стекнување на работни навики, а ако младите во тој период останат изолирани или невработени, тоа ќе се одрази на нивните плати и напредувањето во текот на целиот живот, напоменуваат аналитичарите.
Извор: b92.net

