СДСМ: Цените на основните производи сè уште се високи, а платите се меѓу најниските во Европа
Христијан Мицкоски истакнува дека Македонија постигнала најниска инфлација во регионот. Но, граѓаните не живеат од статистички извештаи, туку од платите и од тоа што можат да си го купат во маркетите со тие плати, стои во соопштение од СДСМ, пренесено во целост од МИА.
Инфлацијата можеби е снижена, но до потрошувачката кошница сè уште тешко се доаѓа. И во овој момент, инфлацијата е значително повисока од тоа што Мицкоски го предвидуваше во владината програма и во буџетот за 2026 година.
Цените на основните производи се одржуваат високи, а платите се меѓу најниските во Европа. Минималната плата во Македонија е многу пониска од нивото на соседните земји, а просечната плата не е доволна за пристоен живот.
Уште позагрижувачки е тоа што странските инвестиции се опаднати за повеќе од 60% споредено со периодот пред преземањето на власта од оваа Влада. Наместо развој и нови работни места, сведочиме на економски застој и одлив на капитал.
Мицкоски настојува да говори за „економски успеси“, но реалноста е сосема различна. Македонија под негово водство стана трета „економија на празни фрижидери“ – земја во која се величаат со бројки, а граѓаните се мачат да опстанат.
Додека криминална група ВМРО се занимава со ширење пропаганда и селектирани статистички податоци, луѓето се соочуваат со сè поскап живот, ниски примања и неизвесна иднина. Ова не е успех. Ова е постојано влошување на економската и социјалната состојба, кое се обидуваат да го прикријат со бессодржајни фрази.
Граѓаните не јадат инфлација. Тие го јадат она што можат да си го дозволат. А во моментов, тоа е сè помалку.

