ЕкономијаСвет

Србија нуди до 20.000 евра неповратна помош за мајки за прв дом

Мајките во Србија по раѓање дете можат да добијат до 20.000 евра неповратна државна помош за купување на прв стан или куќа, како и за изградба на семеен дом. Мерката е наменета за семејства што првпат решаваат станбено прашање, а висината на субвенцијата зависи од вредноста и намената на недвижноста.

За да се добие помошта, мајката не смее да има недвижен имот во сопственост или сосопственост, а барањето мора да се поднесе пред детето да наполни една година. Дополнително, треба да се исполнат и условите поврзани со приходите на брачниот другар или партнерот. За купување стан или куќа државата покрива до 20 проценти од вредноста, а за изградба на куќа во рурална средина до 50 проценти, но во двата случаи најмногу до 20.000 евра.

Постапката предвидува прво да се избере конкретна недвижност, да се договори цената и да се подготви преддоговор, па потоа да се поднесе барање до надлежната локална самоуправа. Субвенцијата не важи ретроактивно за веќе купен имот. Програмата се спроведува од 2022 година, а досега повеќе од 1.950 семејства добиле поддршка, со вкупно доделени над 32 милиони евра.