Стартапите од Македонија можат да конкурираат за европска поддршка до 2,5 милиони евра
Европската унија издвојува дополнителни 30 милиони евра за поддршка на иновативни стартапи и мали и средни компании од Западен Балкан, меѓу кои и од Македонија. Средствата ќе бидат насочени кон компании што развиваат нови технологии и имаат потенцијал да ги претворат своите иновации во производи и услуги со поширока примена.
Европската комисија ја објави финансиската поддршка на конференцијата ЕУ–Западен Балкан за инвестиции во Тирана. Програмата треба да им помогне на компаниите во различни фази на развој – од тестирање и усовршување на технологијата до подготовка за пазарот и проширување на бизнисот.
Од вкупниот пакет, 10 милиони евра ќе бидат наменети за стартапи и мали и средни компании во рана фаза на развој, преку програмата EIC Pre-Accelerator. Компаниите ќе можат да добијат грантови до еден милион евра за развој и тестирање на технологии, подобрување на бизнис-моделите и подготовка за привлекување дополнителни инвестиции. Повиците се очекува да бидат отворени во мај 2027 година, а да завршат во ноември истата година.
Дополнителни 20 милиони евра ќе бидат достапни преку EIC Accelerator, програма наменета за поразвиени технолошки компании чии иновации веќе се демонстрирани и се блиску до комерцијализација. Преку оваа програма, компаниите ќе можат да аплицираат за грантови до 2,5 милиони евра за понатамошен развој, пласирање на производите на пазарот и проширување на нивното работење. Аплицирањето е достапно преку редовните повици на програмата.
Компаниите од Западен Балкан ќе аплицираат преку постојните повици на Европскиот совет за иновации. Дополнителните средства се наменети за квалитетни предлози кои ги исполнуваат критериумите, но не добиле финансиска поддршка поради ограничениот буџет на програмите.
Европската комисија најави и регионална онлајн работилница на 15 декември, од 9:30 до 11:30 часот, на која заинтересираните компании ќе можат да се информираат за условите за аплицирање, подготовката на проектите и критериумите за добивање средства. На работилницата ќе учествуваат и оценувачи и компании кои претходно добиле поддршка.
Дополнителните 30 милиони евра се дел од пошироките напори на ЕУ за развој на иновацискиот екосистем во Западен Балкан, подобар пристап до финансирање и создавање услови за развој на нови компании, технологии и работни места во регионот.

