Што значат новите правила за социјална помош во Германија?
Германската влада одобри нацрт-реформа на системот за социјална заштита, со која се заоструваат критериумите за исплата на државна помош.
Кога нацртот на министерката за труд и социјални прашања Бербел Бас ќе стане закон, ќе исчезне помошта позната како „граѓански надомест“, а на нејзино место ќе биде воведена т.н. „основна помош за баратели на работа“.
Новите правила значително го отежнуваат патот по кој сегашните околу 5,5 милиони луѓе доаѓаат до државна помош, пишува агенцијата dpa.
Одредени критериуми што во иднина ќе ја условуваат исплатата на помошта предизвикаа тензии меѓу коалициските партнери во владата – конзервативците на канцеларот Фридрих Мерц и социјалдемократите.
Пред сè, исплатата на помошта автоматски ќе се прекинува доколку примателот трипати не се јави на повик за разговор во центарот за вработување. Дополнително, постои можност да се изгуби и правото на помош за домување.
Законот, сепак, предвидува дека пред укинувањето на помошта, примателите ќе имаат можност да разговараат со претставници на надлежните институции, лично или телефонски. Во нацртот се предвидени и заштитни механизми за лица со психички проблеми.
Во иднина, државата ќе обезбедува помала заштита на имотот на примателите на социјална помош. Поточно, лицата што аплицираат за помош најпрво ќе мора да ги искористат сопствените приходи и имот за да добијат државна поддршка.
Одредено ниво на заштита на имотот и личните приходи сепак ќе остане, во зависност од возраста на кандидатот за помош, а државата ќе ги земе предвид и дел од неизбежните трошоци за домување.
Извор: b92.net

