ЕкономијаСвет

Светските економии да се подготват: Следуваат незамисливи шокови

Светските економии мора да се подготват за незамисливи шокови, предупреди денес директорката на Меѓународниот монтетарен фонд (ММФ), Кристалина Георгиева, коментирајќи ја ситуацијата поврзана со војната на Блискиот Исток.

„Доколку конфликтот потрае, јасно е дека може да влијае врз пазарното расположение, економскиот раст и инфлацијата, како и да создаде нови предизвици за креаторите на монетарната политика“, изјави Георгиева на економски симпозиум во Tokyo.

Според неа, економските шокови би можеле да се појават и по завршувањето на конфликтот, па затоа е неопходно економиите постојано да бидат во состојба на подготвеност, пренесува Bloomberg.

„Во ова ново глобално опкружување, размислувајте за незамисливото и подгответе се за тоа“, порача директорката на ММФ.

Георгиева истакна дека подолготрајно зголемување на цените на енергенсите од 10 проценти во текот на една година би ја зголемило глобалната инфлација за 40 базични поени и би го забавило економскиот раст.

Таа им препорача на државите да инвестираат во силни институции и политики кои поддржуваат отпорна економија и раст воден од приватниот сектор, како и да го користат расположливиот простор за интервенција кога тоа е потребно.

Георгиева додаде дека Јапонија, која околу 90 проценти од своите потреби за нафта ги обезбедува од Блискиот Исток, веќе чувствува зголемен ризик од стагфлација поради растот на цената на нафтата и ослабениот јен. Ова, според неа, би можело да ја принуди владата во Токио на зголемени фискални трошоци.

„Вие ги контролирате своите домашни политики. Подгответе ја вашата економија за што подобро да се соочи со овие шокови“, порача таа.

Извор: B92.net