ЕкономијаСвет

Тему ги менува правилата по казната од 200 милиони евра од ЕУ

Кинеската интернет-платформа Тему ќе ги заостри контролите за продажба на нелегални и небезбедни производи во Европската Унија, откако беше казнета со 200 милиони евра поради пропусти во заштитата на потрошувачите.

Европската комисија го прифати планот на компанијата за отстранување на утврдените недостатоци во согласност со Законот за дигитални услуги. Како што објави српскиот портал Б92, повикувајќи се на информации од „Еуроњуз“ и „Пословни дневник“, Тему се обврзала да ја подобри проценката на ризиците и надзорот врз производите што се нудат преку платформата.

Поголема контрола врз нелегалните производи

Според договорените мерки, Тему ќе спроведе дополнителна проценка на ризиците и ќе ги подобри механизмите за спречување на продажбата на нелегални производи. Доколку се покаже дека постојните мерки не се доволно ефикасни, компанијата ќе мора дополнително да ги заостри.

Европската комисија побарала и анализа на начинот на кој системите за препорачување производи на платформата можат да придонесат за ширење на понудата на нелегални стоки.

Казна од 200 милиони евра

Казната од 200 милиони евра била изречена во мај, поради пропусти поврзани со продажбата на нелегални и небезбедни производи, меѓу кои опасни детски играчки и неисправни полначи.

Истрагата на Европската комисија започнала во октомври 2024 година, со цел да се утврди дали Тему ги исполнува обврските предвидени со Законот за дигитални услуги за многу големите интернет-платформи.

Резултатите покажале дека платформата не ги препознавала и не ги отстранувала доволно ефикасно ризиците што ваквите производи ги претставуваат за европските потрошувачи.

Од Тему соопштиле дека ја ценат конструктивната соработка со Европската комисија во текот на целиот процес.

Тему има околу 130 милиони корисници во ЕУ

Платформата има околу 130 милиони корисници на пазарот на Европската Унија, со што се вбројува меѓу најголемите интернет-продавници во Европа.

Паралелно со засилениот надзор врз производите, Тему се приспособува и на новите правила за увоз на евтини пратки во ЕУ.

Од јули се применува нов надомест од три евра за пратките со мала вредност, додека претходно пратките во вредност под 150 евра можеа да влегуваат во Унијата без плаќање царина.

Според информациите објавени во медиумите, по воведувањето на новите правила увозот на пратки со мала вредност, особено оние што пристигнуваат од Кина, се намалил за околу 30 до 40 проценти.

Новите мерки претставуваат дополнителен притисок врз платформите што се потпираат на продажба и испорака на евтини производи од Кина, додека европските институции се обидуваат да обезбедат поголема заштита на потрошувачите и подобра контрола врз стоките што се продаваат преку интернет.