ЕкономијаМакедонија

УЈП: За две години подобрена даночната усогласеност и зајакната поддршката за обврзниците

Управата за јавни приходи во периодот од јули 2024 до јуни 2026 година бележи подобрување на даночната усогласеност, со раст кај навременото пријавување и делумно подобрување кај навременото плаќање на даночните обврски.

Според податоците на УЈП, навременото пријавување на ДДВ е зголемено од 92 на 95 проценти, додека кај МПИН е забележан раст од 84 на 91 процент. Кај навременото плаќање, ДДВ бележи подобрување од 77 на 81 процент, а кај МПИН има мало зголемување од 69 на 69,5 проценти.

Од Управата нагласуваат дека стабилноста на јавните приходи не се обезбедува само преку контроли, туку преку повисока доброволна усогласеност, јасни правила, знаење, поддршка и доверба меѓу институциите и даночните обврзници.

Во изминатите две години, УЈП го засилила советодавниот, едукативниот и кооперативниот пристап. Реализирани биле 321.000 инфо контакти, дадени 760 писмени одговори, а на веб-страницата била воспоставена база на знаење со околу 300 прашања и одговори.

Дополнително, спроведени се 11.426 советодавни посети на новорегистрирани даночни обврзници и 3.613 превентивни посети со укажувања за даночно усогласено работење. Во истиот период биле реализирани и 1.485 едукативни активности со средношколци, како и осум работилници за фискална едукација во две основни училишта.

УЈП информира и дека е формиран Совет за даночна усогласеност со 15 членки, како и тело за независна проверка на приговори од даночните обврзници, кое досега разгледало 77 случаи. Одржани биле и повеќе од 55 средби и настани со стопански комори, бизнис здруженија и здруженија на сметководители.

Од Управата посочуваат дека ваквите активности имаат цел да ја зајакнат даночната култура, преку достапни информации, проактивна комуникација и поголема доверба во системот.