Необичен „недостиг“ во Летонија: Жените ангажираат „супружници на час“ за домаќински задачи
Во Летонија, каде што хронично недостасуваат мажи, се појави необичен тренд – жените сè почесто ангажираат таканаречени „супружници на час“ за извршување на разни домаќински и технички задачи. Со оглед на демографската нерамнотежа, станува се потешко да се најдат партнери, но и мајстори за мали поправки.
Загрижувачка статистика
Според последниот извештај на Евростат, во Летонија има дури 15,5% повеќе жени отколку мажи, што е трипати повеќе од просекот на Европската унија. Светскиот атлас дополнително ја истакнува разликата: во старосната група над 65 години, бројот на жени е двојно поголем од бројот на мажи.
„Нема ништо лошо во тоа, но поради балансот, би сакале да има повеќе мажи, барем за малку флерт или разговор“, изјави Данја, која работи на разни фестивали и рече дека на работа е опкружена речиси исклучиво со жени. Нејзината пријателка Зане додаде: „Затоа сите мои пријателки заминаа во странство и таму најдоа момци.“
„Супружници на час“ како практично решение
За да го надминат овој необичен недостиг, жените во Летонија се свртиле кон креативни решенија. Услугите како „супружници на час“ станале многу популарни за задачи за кои е тешко да се најде слободен мајстор.
На платформите како Команда24 може да се ангажира „човек со златни раце“ за само неколку евра, кој нуди се, од водоинсталатерски и столарски работи до поставување телевизори и слични домаќински задачи. Без непријатни ситуации, без романтични очекувања – само професионална услуга.
Слична услуга, Remontdarbi.lv, овозможува нарачка на мајстор онлајн или по телефон, кој ќе пристигне на вашата врата во рок од еден час. Овие ангажирани „супружници“ извршуваат сè, од закачување завеси и мали поправки до фарбање на ѕидови.
Зошто има толку малку мажи во Летонија?
Стручњаците велат дека екстремната нерамнотежа на половите делумно произлегува од значително пократкиот животен век на мажите, што се должи на помалку здрави навики.
„Мажите пушат околу трипати почесто, 31% од нив, во споредба со само 10% од жените“, според Светскиот атлас. „Исто така, постои малку поголема веројатност да бидат со прекумерна тежина, 62% кај мажите во споредба со 57% кај жените.“
Трендот надвор од Летонија
Феноменот на изнајмување „супружници“ не е ограничен само на Летонија. Во 2022 година, Британката Лора Јанг стана интернет сензација кога почна да го изнајмува својот сопруг Џејмс на жени кои имаа потреба од помош во домаќински работи.
Нивниот бизнис, наречен „Изнајми вешт сопруг“, се покажал како многу профитабилен. Џејмс извршува сè, од општи „направи сам“ задачи, фарбање и декорирање, до поставување плочки и теписи. За своите услуги наплаќа 44 долари по час или околу 280 долари за цел ден. Побарувачката пораснала толку многу што морале да одбиваат нови клиенти.
Извор: EUpravo/Index

