Вести

Ако жените можат да ги организираат и балансираат семејните обврски, зошто не би можеле истото да го прават во една компанија? (ИНТЕРВЈУ)

Само 27,8 % од жените се на раководни позиции во компаниите во Македонија. Ова е само еден од низата податоци кои во интервју за порталот Работник ги сподели Весна Коруноска, менаџер на човечки ресурси во Лакталис МК, компанија од млечната индустрија. Со неа разговараше Бобан М. Илијевски.

Со мојата соговорничка разговарав на три суштински теми кои се однесуваат на жените – лидери – зошто нивниот број е помал од тој на мажите на раководните позиции, кои се предрасудите со кои тие се соочуваат и што е тоа што жените ги прави добри лидери.

Во продолжение интервјуто:

Илијевски: Податоците покажуваат дека во најголемиот дел од компаниите, менаџерите се мажи, па оттаму прашањето ми е –  Според Вас, на што се должи тоа што жените во многу помал број се на лидерски позиции? Кој е главниот виновник за тоа?

Коруноска: Да тргнеме од почетокот – од статистиката. Според пописот од 2021, во Македонија живеат 50,4% жени. Од вкупниот број на студенти, 58% се жени. Од вкупниот број на студенти кои дипломираат на факултетите во нашата земја, 59,9% се, исто така, жени. Бројките ја зборуваат истата приказна и на повисоките степени на образование: од вкупниот број на магистри, 60,1% се жени, од вкупниот број на доктори на науки, 59,8% се жени. Значи, на жените во нашата земја не им недостига амбиција, немаат проблем со желбата за дополнително образование, напротив, вложуваат во своето образование и идна кариера.

Следниот податок што го нуди статистиката е поразителен – и покрај тоа што девојчињата се подобри ученици во основните и средните училишта, и покрај тоа што во поголем број дипломираат и го продолжуваат своето образование на пост-дипломски студии, само 27,8% жени се на раководни позиции во компаниите во Македонија. Да не зборуваме за учеството на жените во политиката, сите знаеме дека Македонија никогаш немала жена Претседател, дека учеството на жените во Владата е минимално, жените ги нема ни во локалната власт, во јавните претпријатија и тн.

Причините се многу.

Прво, родовиот јаз. И во 21. век за жените се мисли дека се поемотивни, помалку способни да донесат одлука, премногу конфликтни, помалку прагматични, не умеат да се носат со непопуларни одлуки и тн. Поради ова, мажите добиваат повеќе шанси за вработување, подобри прилики за напредување во кариерата, повисока плата..

Второ, очекувањата од средината, семејството. Жените тешко успеваат да се изборат со очекувањата што најблиската околина ги има за нив, затоа што Македонија е, во голема мерка, традиционално општество, во кое од жената се очекува да заврши со образованието побрзо и да се посвети на семејството, да најде работно место кое ќе придонесува во домашниот буџет, но нема да ја ангажира дополнително, надвор од предвидените 8 часа работно време. Завршувањето со образованието е пресвртната точка за голем број девојки. Семејството кое, до тој момент, се гордеело со петките на ќеркичката, со нејзините награди на различни натпревари, со нејзините успеси во спортот, уметноста и сл., одеднаш, ги менува очекувањата. Сега се очекува да стапи во брак, да роди деца, да се посвети на домот, додека сите други нешта стануваат неважни. И, како добро воспитани деца, ќерките го прават тоа – наоѓаат работа, често под нивните квалитети и можности, се посветуваат на семејството и го менуваат полето на натпревар – сега е битно колку совршено им е исчистен домот, колку добар рецепт за сарми пронашле, колку им се добро воспитани дечињата.. А девојчето што сонувало да биде астронаут, да открие вакцина за рак, да биде оперска дива во Милано, да го изгради најубавиот висечки мост на светот или да биде Министер за економија, па да ја спаси земјата од сиромаштија, едноставно, мора да заборави на своите соништа.

Трето, рамнотежа меѓу приватниот живот и кариерата. Колку и да се осовременува општеството, 72,5% од обврските околу домот и децата и понатаму отпаѓаат на жената. Поради ова, кога жените ќе се посветат на кариерата, се соочуваат со поголеми шанси за burn-out, од нивните машки колеги.

Четврто, поддршката од семејството. Жените, во просек, имаат многу помала поддршка од семејството, партнерот, родителите, во однос на нивните машки колеги, кога ќе се одлучат да се посветат повеќе на кариерата. Тие ретко кога ќе бидат поддржани за работно место кое вклучува чести службени патувања или работа надвор од местото на живеење.

Петто, страв од неуспех. Поради сите горенаведени причини, мал број од жените ќе имаат храброст да аплицираат за менаџерска работна позиција во некоја компанија или да се вклучат во политика. Овде не смееме да го заборавиме јавниот линч со кој се соочуваат жените на јавни функции, нивно распнување во социјалните мрежи по кои се коментира буквално сѐ – од нивниот изглед, облеката што ја носат, нивната компетентност, придружено со отровни сексистички коментари и омаловажувања.

На успешните жени во Македонија не се гледа добро, нивниот успех најчесто се припишува на нешта кои немаат врска со нивното образование, искуство, ангажираност и посветеност (нешта што би биле и тоа како битни за лице од спротивен пол), па и тоа е една од причините поради кои жените остануваат во сенка.

Илијевски: Кои се предрасудите со кои се соочуваат жените кои претендираат да бидат на менаџерски позиции  и како да се изборат со истите?

Коруноска: Предрасудите со кои се соочуваат жените се бројни:

  • преемотивни се, повеќе размислуваат со срцето отколку со главата
  • не знаат да раководат
  • конфликтни се
  • не умеат да носат одлуки
  • не се прагматични
  • не се фокусирани на постигнување на резултати
  • не умеат да се носат со непопуларни одлуки и тн.

И уште многу повеќе, кои почнуваат уште од изборот на професија и поделбата на професиите на “женски” и ”машки” и сл.

Како да се изборат со предрасудите? На ист начин како што тоа го прават во сите останати полиња од животот – посветено, со труд, со верба во себе, без откажување. Не постои помоќно оружје за уништување на предрасудите од жена која знае што сака од животот.

Жените во нашата земја мора да сфатат дека само финансиски независна жена е вистински независна жена. Поразителен е фактот што само 28% од жените во Македонија поседуваат недвижен имот, со што, се ставени во позиција да зависат за својот живот од членовите на нивното потесно семејство од машки пол, без оглед дали се работи за партнер, татко, брат и сл.

Нека биде ова повик за будење. Нашите жени се храбри, издржливи, вредни. Ако можат да бидат најдобри ученици, студенти, ако умеат да го организираат семејството, да балансираат со финансиите во домот, да ги усогласат сите обврски на работа со обврските околу родителите, децата, партнерот, зошто не би умееле истото да го прават во една компанија? Или во општинската власт? Или во државната?   

Илијевски: Што е она што жените ги прави добри лидери?

Коруноска: Она што на жените им го припишуваат како слабост, е, всушност, нивната најголема предност. Емотивноста и емоционалната интелигенција се предности кои не смеат да бидат занемарени. Зошто?

  • Жените во работните процеси гледаат луѓе, личности. За разлика од колегите од спротивниот пол, жените се склони да ја препознаваат човечката страна на работните операции, како таа ќе влијае на вработените и нивните семејства, на потрошувачите, средината..
  • Жените се подобри ментори
  • Споделувањето на информациите помеѓу членовите на тимот е подобро кога во истиот се вклучени жени
  • Жените се посклони на анализирање на потенцијалните лоши резултати од одредена акција, па поради тоа, помалку влегуваат во ризични вложувања што можат да го загрозат работењето
  • Тимовите кои вклучуваат жени имаат подобри шанси да ги добијат преговорите
  • Жените полесно ги споделуваат заслугите за успешно завршената работа со членовите на тимот, неприсвојувајќи го успехот за себе
  • Внимаваат на деталите. Додека фокусот на мажите е поврзан со големата слика и често знаат да ги занемарат деталите, жените обраќаат внимание и на она што се нарекува “ситница”, а всушност не е тоа, бидејќи ја гради сликата која потрошувачите, општеството, ја имаат за брендот, за компанијата како работодавач или одговорен учесник во општествениот живот
  • Жените се посклони на размислување “надвор од кутијата” поради својата емоционална и социјална интелигенција. Подобро можат да ги разберат спротивставените ставови, различните мислења, да се стават “во чевлите” на другиот, да го прилагодат своето однесување согласно условите и да понудат нови, неконвенционални решенија.

Накратко, кога зборуваме за “машки” и “женски” квалитети, всушност, зборуваме за човечки квалитети. Си требаме. Се надополнуваме. Најдобри резултати постигнуваме кога работиме заедно, на иста цел. Нашите разлики се нашата предност, она поради кое сме си потребни. Заедно.

Фото: Весна Коруноска

 

Бобан М. Илијевски

Бобан Илијевски е новинар специјализиран за работни односи, човечки ресурси и кариера. Тој е ко-основач и Главен и Одговорен уредник на www.rabotnik.com.mk