Анализа: Дали вработените кај нас би можеле да добиваат откази поради тоа што не се вакцинирани?
Редакцијата на порталот „Работник“ се одлучи јавно да ги постави прашањата за тоа дали во Македонија би можело да се случи работодавачите да отпуштаат работници кои не се вакцинирани, како и дали Владата може, доколку смета дека за тоа има потреба, да поднесе законско решение со кое на работодавачите ќе им се овозможи ова право.
Бобан Илијевски
Отпуштањето на невакцинирани работници од страна на работодавачите, станува пракса во некои држави во Европа, како што е Летонија (земја којашто има околу два милиони жители и слаб интерес за вакцинација), каде што Владата отиде чекор напред и реши да им овозможи законски на работодавачите да отпуштаат невакцинирани работници. Сега, останува да се види дали и други држави во Европа и светот ќе започнат да ја применуваат оваа пракса.
За тоа дали може во Македонија да се случи ова, побаравме експертско мислење од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), од каде што ни рекоа дека тие сметаат оти не вакцинирањето не може да биде основ за отказ на работниот однос, а како објаснување ни наведоа неколку причини.
Од МЗМП за „Работник“ велат дека иако вакцинацијата е најефикасниот механизам за превенција од Ковид – 19, сепак таа не е задолжителна, потенцирајќи дека превенцијата може да се остварува се додека се почитуваат мерките и протоколите кои се во сила, па оттаму сметаат дека неоправдано и недозволиво би било одреден работник да добие отказ поради тоа што нема примено вакцина против Ковид – 19.
„Ова особено е и поради тоа што одредени категории на лица, заради својата здравствена состојба, може да се вакцинираат само со конкретен тип вакцина, која можеби не е достапна во моментот во државата, па не вакцинацинирањето може да е како резултат на објективни, а не субјективни причини“, велат од МЗМП.
Уставот на Македонија одредува дека секој граѓанин е должен да го чува и унапредува своето здравје, како и здравјето на другите, рекоа од Здружението, при што додадоа дека со Законот за здравствена заштита, Владата на Македонија на предлог на Министерството за здравство, секоја година носи програми за реализација на мерки и активности за заштита на јавното здравје. Врз основа на овој закон, како што велат, Владата секоја година носи Програма за задолжителна имунизација на населението.
За споредба, Македонското Здружение на млади правници се повика на пример од Решение на Уставниот суд за децата коишто треба да се запишат во основно училиште и обврската истите да ги имаат примено сите задолжителни вакцини за да можат да го остварат ова право.
Во македонското позитивно право, непочитувањето на задолжителната имунизација претставува оправдан основ за оневозможување или ограничување на остварувањето на конкретни права. Анализирајќи го дејството на задолжителната имунизација vis a vis ограничувањето на одредени права, низ призмата на обврската детето да ги има примено сите задолжителни вакцини при упис во основно образование, Уставниот суд на Република Македонија во Решението У.бр. 30/2014-0-0 утврдил дека:
„Задолжителната вакцинација, во ниту еден момент не може да се доведе под сомнение по однос на одредбите од Уставот, каде се предвидува дека граѓанинот има право и должност да го унапредува сопственото здравје и здравјето на другите, како и тоа дека родителите имаат право и должност да се грижат за издржување и воспитување на децата… во случај на одбивање на вакцинацијата од страна на родителите, истите не само што го загрозуваат здравјето на сопствените деца, туку и здравјето на другите лица кои поради медицински контраиндикации не се вакцинирани и на тој начин им го ускратуваат правото на здрав живот. Во врска со тоа заради обезбедување на наведеното право, според мислењето на Судот, уставно оправдано е со закон да се обврзат граѓаните на вакцинација против болести чие спречување е во интерес на Република Македонија. Редовната вакцинација е една од специфичните мерки на заштита од заразните болести. Нејзината задолжителност се утврдува само за одредени заразни болести и на определена возраст утврдена со календарот за имунизација, за што има медицинско оправдување. Со редовната вакцинација не се штити само лицето кое се вакцинира туку се создава и колективен имунитет помеѓу населението што ја спречува циркулацијата на инфективните агенси. Оттука, заради заштита на здравјето на детето и правото на детето на здравје, Судот оцени дека оправдано е на родителите да им се ускрати правото на избор за невакцинација од причина што правото на здравје на детето е посилно од правото на избор на родителите… Со оспорената одредба се дава обврска за одредена група на лица на одредена возраст за задолжителна вакцинација само за одредени болести како што се сипаници, детска парализа, дифтерија, тетануси пертузис, а се со цел спречување на вистински и непотребни здравствени ризици. Според Судот, обврската за задолжителна вакцинација претставува дозволено ограничување на фундаменталните права на засегнатото лице со оглед на тоа што е неопходна мерка во демократската држава заради заштита на јавната сигурност, здравје, права и слободи на други лица. Задолжителната вакцинација во суштина претставува ограничување на правото за поединците да одлучат за дејствија кои се однесуваат на нивната сопствена личност и тело, на правото на заштита на физичкиот интегритет( член 11 од Уставот) и на правото на доброволно медицинско лекување, но според наше мислење таквото ограничување е пропорционално, а со тоа и во согласност со Уставот, стои во Решението на Уставниот Суд.
Истакнаа дека и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација размислува на ист начин како и Уставниот суд. Таа донела општа препорака според која не постои дискриминација во случај кога основно училиште одбива да запише дете кое нема потврда за примени задолжителни вакцини, наведоа од Здружението.
МЗМП смета дека поради тоа што вакцинирањето против Ковид – 19 не е дел од Програмата за задолжителна имунизација на населението, а тоа значи дека се одвива на доброволна основа, вработените не можат да добијат отказ поради тоа што не се вакцинирани.
„За разлика од претходно наведеното, во моментот вакцинацијата против КОВИД-19 се одвива на доброволна основа и не е дел од Програмата за задолжителна имунизација на населението. Владата во изминатиот период донесе повеќе општи мерки за заштита од КОВИД-19 и повеќе протоколи кои регулираат на кој начин и во кој обем може да се одвиваат конкретни активности, вклучувајќи го тука и работниот процес. Па поради тоа сметаме дека невакцинирање со вакцина која не е задолжителна не може да е основ за отказ на работник “, велат од Македонското здружение на млади правници.
Од таму посочија дека Владата може да креира закон кој би им дал можност на работодавачите да им го откажат договорот за вработување на работниците кои не се вакцинирани, притоа потенцираа дека останува на Собранието дали истиот ќе го усвои и со каков конечен текст би бил тој закон.
Законодавната и извршната власт се генерално ограничени со правилата воспоставени во Уставот и законите и останатите правни правила мора да бидат во рамките кои ги поставува Уставот. Доколку некој закон или подзаконски акт не е во согласност со Уставот, Уставниот суд по сопствена или по иницијатива поднесена од физички и правни лица може да преиспитува дали конкретен закон ги прекршува границите кои ги воспоставува Уставот, велат од МЗПМ.
Став зедовме и од страна на Бобан Кочовски, Претседател на Движењето за социјална правда „Обединети Работници“.
Тој за „Работник“ вели дека работодавачите во ниеден случај не смеат да отпуштаат работници поради тоа што не се вакцинирани.
Кочовски смета дека доколку би презеле такви дејствија, свесно или несвесно, тие би извршиле грубо кршење на Уставот и на законите поради дискриминирачката природа.
Тој се осврна на Уставот и истакна дека во чл.32 ст.2 од истиот се вели дека: „Секому, по еднакви услови, му е достапно работно место“, нешто што мошне јасно и прецизно, како што вели, укажува на тоа дека сите граѓани, независно дали се вакцинирани или не, имаат право да работат на оние работни места кои што сметаат дека треба да ги работат.
„Потоа, во чл.9 ст.2 од Уставот на Република Македонија се предвидува дека СИТЕ граѓани се ЕДНАКВИ пред Уставот и законите. Ова е уште еден показател дека не постои можност народот да се дели во групи, при што едната група ќе биде привилегирана, а другата во подредена положба “, вели Кочовски.
Во однос на законите, Кочовски потенцира дека Законот за работни односи прецизно го уредува работниот однос, односно предвидува забрана за дискриминација на работниците, согласно чл.6 и чл.7 од истиот, при што доколку се воведе можноста работниците да ги губат работните места поради непримена вакцина ќе се изврши сериозна директна дискриминација. Ова според него, не би било туку – така прифатено од народот и би имало сериозни последици.
„Кога се работи за работниот однос, верувам дека во овој момент не постои законска одредба со која што би се дозволила класична дискриминација на невакцинираните работници, па таквите откази би добивале судска разрешница, во корист на работниците“, истакна Кочовски.
Доколку Владата би одлучила да воведе ваква законска измена, вели тој, таа секако би ја имала потребната моќ во Собранието за да го стори тоа, но прашењето, според него е, дали би имала храброст тоа да го направи непосредно пред избори.
Заклучи дека ова е сериозен процес кој што државните органи мораат сериозно да го анализираат доколку сакаат да се впуштат во вакви походи, бидејќи последиците од несериозните наметнувања и условувања на работниците би биле застрашувачки.
Фото: Pixbay

