СветСветот на работникот

Белгија: 17-годишниците ќе можат доброволно да служат војска за плата од 2.000 евра

Во текот на месец ноември, секој белгиски граѓанин на возраст од 17 години ќе добие писма со информации за можностите за доброволно ангажирање во составот на Вооружените сили на Белгија, објави белгискиот министер за одбрана, Тео Франкен.

Целта на овој потфат е да ги мотивира младите луѓе да се одлучат за доброволно отслужување на воена служба со времетраење од една година. Оваа иницијатива претставува дел од стратегијата на Франкен за привлекување нови војници во белгиската Армија.

Според Франкен, ќе бидат доставени информативни писма до приближно 130,000 млади Белгијци, по што ќе се организираат презентации за опциите за служење војска, како во физичка форма, така и преку интернет.

Заинтересираните кандидати, кои мора да имаат помеѓу 18 и 25 години, ќе можат да поднесуваат пријави од јануари следната година. Селекцијата на потенцијалните војници ќе се одвива во текот на летото, а оние кои ќе бидат избрани ќе започнат со воената служба во септември 2026 година. Доброволните војници ќе добиваат месечна нето плата од 2,000 евра.

Се планира, во рамките на оваа програма, на трите гранки на белгиската Армија во 2026 година да им се придружат 500 волонтери, во 2027 година – 1,000, по што нивниот број би продолжил да расте во наредните години до најмногу 7,000.