ЕкономијаМакедонија

Вицепремиерот Битиќи: Од увозници на електрична енергија можеме да станеме извозници

Преку стратешки странски инвестиции во енергетиката, секако не занемарувајќи ги домашните капацитети за производство, од земја која е нето-увозник можеме да станеме нето-извозник на електрична енергија, а во догледно време и на водород, кој во високоразвиените земји се смета за енергенс на иднината, вели потпретседателот на Владата за економски развој во интервју дадено за „Либертас“.

– Ние годишно увезуваме 25-35% од сопствените потреби на електрична енергија, податок кој е јавно достапен заклучно со 2022 година. За 2023 сè уште немаме целосни официјално потврдени информации. Топлинската енергија, пак, која ја произведуваме од 100% увезен природен гас ја произведуваме во домашните топлани, што би се рекло тука немаме директен увоз на топлинска енергија, но индиректно целосно ја увезуваме преку гасот. Нафтата и нејзините деривати се исто така 100% увозни, освен оние мали количини биодизел кои се произведуваат кај неколку наши домашни производители. Ние треба да се концентрираме на ресурси и производство на енергенси со кои би можеле да го подобриме нашиот енергетски и, пред сè, трговски биланс. Тоа секако можеме да го направиме преку носење на странски инвестиции, во ниеден случај не занемарувајќи ги домашните капацитети, за производство на електрична енергија, и од земја која е нето-увозник да станеме земја која е нето-извозник на електрична енергија, па во догледно време и на водород (хидроген) кој веќе во високо развиените земји се планира да биде енергенсот на иднината – вели Битиќи во интервјуто.

Вицепремиерот објаснува дека ваквите трендови ќе имаат мултисекторско влијание врз нашата економија, па и врз нашето целокупно општество, затоа што така наместо дефицит ќе бележиме суфицит во трговијата со електрична енергија, ќе се отворат многу нови високоплатени работни места во енергетиката, повеќе придонеси, даноци и други давачки кои овие инвестиции ќе ги уплаќаат во централниот буџет, но и во општинските буџети. Покрај економските придобивки, од огромно значење, според него, е и позитивното влијание врз животната средина, намалување на загадувањето со самото тоа што голем број домаќинства ќе можат да се приклучат на топловодната мрежа. Битиќи посочува и дека подобриот трговски биланс ќе значи и поголем девизен прилив и подобри услови на девизниот пазар од аспект на монетарната политика.

– Овие инвестиции се клучни за енергетскиот суверенитет на нашата држава затоа што со намалувањето на зависноста од фосилни горива, ќе ни се намали и ранливоста на геополитички тензии и флуктуации на енергетските пазари. Северна Македонија ќе се стекне со поголема контрола врз снабдувањето со енергија, обезбедувајќи стабилност и автономија во задоволувањето на нашите енергетски потреби – потенцира тој.

Стратешкиот прилив од четири инвестиции во обновливи извори на енергија – „Митилинеос“, „Акуо“, „Аим грин тек“ и „Хек солар“ – во вкупна вредност од 786 милиони евра, од осамостојувањето до денес, претставува најголем исчекор кон енергетска сувереност, затоа што во енергетскиот систем ќе добиеме инсталирана моќност од околу 865 MWh. Ова далеку ја надминува инсталираната моќност на РЕК Битола од 700 MWh, која во последните години, поради намалената ефикасност и неквалитетниот јаглен, се користи само со капацитет од 450MWh.