СветСветот на работникот

Во овој европски град се воведува работна недела од 35 часа: Одлуката стартува од април, еве ги сите детали

Владата на Шпанија најави дека од април ќе воведе скратена работна недела од 35 часа во централната државна администрација, наместо досегашните 37,5 часа, со што дополнително се менува моделот на работно време во јавниот сектор.

Оваа мерка ја поддржаа трите главни синдикати на државните службеници – UGT, CC OO и CSIF, а се очекува да опфати околу 246.000 вработени во државната служба.

Министерот за јавна администрација, Оскар Лопез, истакна дека примената на пократката работна недела ќе биде дефинирана во рок од најмногу 15 дена, пренесува „Паис“.

Во најголем дел од шпанските автономни заедници и локалните самоуправи, вработените веќе работат по модел од 35 часа неделно, што кај државните службеници во централната администрација создаваше чувство на нееднаков третман.

Синдикатите посочуваат дека воведувањето на новата работна недела ќе помогне да се намали овој јаз и да се подобри работната хармонија во јавниот сектор.

Според нив, новиот режим ќе придонесе за подобар баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот, како и за зголемување на слободното време на вработените.

Покрај тоа, регулативата воведува и функција „негувател“, која претставува институционализирана поддршка за вработените кои се грижат за член од семејството или лице кое живее во истото домаќинство и има сериозен здравствен проблем.

На вработените ќе им биде овозможено работниот распоред да го прилагодат според времето и енергијата што ја вложуваат во грижата за блиските.

Извор: EUpravozato.rs