ПравдаСветот на работникот

Дали дојде време за штрајк?

Тема: Дали дојде време за штрајк?

Последните случувања со донесувањето на Законот за минимална плата го вклучија алармот кај синдикатите за одредени прашања. Новите законски измени упатуваат на
потребата на усогласување на платите особено во јавниот сектор поради големите нееднаквости кои се продлабочија со новата минимална плата. Но, немањето слух кај надлежните органи за овие проблеми ја зголемува можноста за штрајкови во различните дејности во секторите. Согласно Законот за работни односи синдикатот и неговите здруженија на повисоко ниво имаат право да повикаат на штрајк и да го поведат со цел за заштита на економските и социјалните права на своите членови од работниот однос. Во ваков случај штрајкот мора
писмено да се најави на работодавачот, односно здружението на работодавачите против кои е насочен. Во писмото со кое се најавува штрајкот задолжително мора да се наведат причините за штрајкот, местото на одржувањето на штрајкот и денот и времето на почетокот на штрајкот.

ПРАВИЛНО е да се смета дека штрајкот мора да биде организиран на начин на кој нема да се оневозможува или попречува организирањето и одвивањето на работниот процес
за оние работници кои не учествуваат во штрајкот.

ПОГРЕШНО е да се смета дека штрајкот започнува веднаш, напротив на штрајкот му претходи постапка на мирење и истиот не може да започне се додека не заврши оваа постапка.

Проф. д-р Лазар Јовевски