Дали и какви казни ќе има за 109 работодавачи кои не исплатија државна помош на работниците?
Вчера на прес – конфренција, директоратка на Управата за јавни приходи рече дека вкупниот број на компании кои сеуште не исплатиле државна помош на вработените за еден, два или за сите три месеци изнесува 109 компании.
Таа посочи и дека до Јавното Обвинителство се доставени детални податоци за покренување на кривична постапка и кај истите се извршени контроли од страна на УЈП и Државниот трудов инспекторат.
Порталот Работник побара одговори и од Владата на Р. Македонија во однос на тоа што се случува со работодавачите, за коишто, уште кога ја злоупотребија државната помош минатата година, најавија дека за нив ќе достават податоци во Јавното Обвинителство.

Од Владата се повикаа на вчершната прес – конференција на Лукаревска. Во продолжение Ви го проследуваме целосниот одговор на Владата:
„Владата прави сè граѓаните да ја добијат помошта од државата.
Во врска со прашањето Ве известуваме дека Управата за јавни приходи во рамките на своите надлежности изготви и достави опомени и за неисплатената декемвриска плата . По истекот на рокот од опомената, против оние кои нема да ја исплатат платата ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на платата со блокада на паричните средства на нивните трансакциски сметки и пренос на средствата на сметките на вработените лица и на уплатните сметки за јавни приходи.

Согласно податоците од вчерашниот прес: по спроведените активности на Управата за јавни приходи, намален е бројот на компаниите кои примија финансиска поддршка за исплата на октомвриската плата, а истата не ја исплатија на работниците. Од првичните 179 компании овој број е намален на 11 компании, кои за 34 вработени примиле финансиска поддршка од 579.639 денари. Кај овие компании во тек е постапка на присилна наплата на неисплатената плата од парични средства на трансакциска сметка. За месец ноември 2020 година, од првичните 245 обврзници кои примија финансиска поддршка, а не ја исплатија платата, бројот е намален на 24 обврзници кои за 50 вработени не исплатиле плата, а примиле финансиска поддршка во износ од 754.452 денари.
За месеците април, мај и јуни состојбата е следна : По постапката за присилна наплата заради неисплатена плата за април, мај и јуни 2020 се намалува и бројот на работодавачи кои ја должат платата за овие месеци, така што со состојба на 02/02/2021 година сè уште не исплатиле априлска плата 47 компании за 102 вработени, плата за мај не исплатиле 33 компании за 63 вработени и јунска плата не исплатиле 54 компании за 145 вработени.
Вкупниот број на компании кои сè уште не исплатиле плата за еден, за два или за сите три месеци (април, мај и/или јуни) е 109.
За овие работодавачи доставени се детални податоци во Јавното обвинителство, за покренување на кривична постапка, и кај истите се извршени контроли во координација со Државен инспекторат за труд“, стои во одговорот на Владата.
За потсетување, директорката на УЈП Сања Лукаревска вчера рече дека во вторник следната недела, заедно со Државниот инспекторат за труд ќе известат за спроведените контроли во овие 109 компании.
Порталот Работник побара одговори и од Јавното Обвинителство, но до овој момент, истите ги немаме добиено.
Бектеши: Компаниите што ја злоупоребија државната помош нема да можат да аплицираат за нова мерка
И Министерот за економија Крешник Бектеши вчера во емисијата „Вин Вин“ на Телма се осврна на проблемот со работодавачите кои ја злоупотребиле финансиска помош од Владата, нагласувајќи дека истите нема да имаат можност да аплицираат за нова мерка.
„Тие компании кои злоупотребувале средства од првите четири сета на економски мерки, нема да добијат веќе помош од страна на државата. Треба да се постават критериуми во делот на аплицирање на мерките со што, компаниите кои се објавени од страна на Управата за јавни приходи нема да можат да аплицираат за дополнителни мерки“ кажа министерот Бектеши во гоствањето на Телма.

Како што потенцираше министерот доколку треба нивните вработени ќе ги згрижи Владата директно, како што најави и директорката на Управата за јавни приходи (УЈП) Сања Лукаревска вчера со блокирање на нивните сметки и со префрлување на средствата директно на вработените во тие компании.
“Поднесени се кривични пријави до сите вработени кои што не ги исплатиле платите за вработените за кои што добиле финансиска помош“ кажа министерот Бектеши.
Министерот потенцираше дека по последните консултации со стопанските комори Петтиот сет на мерки ќе биде објавен во текот на следната недела.
“Во текот на наредните денови до понеделник ќе имаме дополнително состанок со стопанските комори и со синдикатите. Ќе ги разгледаме уште еднаш нивните коментари на нашите предлози кои се донесени во консултација со различни засегнати страни. Очекуваме дека мерките од петтиот пакет, како и претходните ќе ги дадат очекуваните резултати и ќе бидат насочени кон поддршка на граѓаните и на компаниите“ кажа министерот
Бобан Илијевски

