ПравдаСветот на работникотСиндикат

Дали од септември Недела ќе биде неработен ден?

Работниците дури во септември ќе може да здивнат и да ја добијат неделата како задолжителен ден за неделен одмор. Иако преговорите меѓу синдикатите, работодавачите и Владата се интензивираа и измените на Законот за работни односи се при крај, сепак, според информациите на ТВ 24, примената ќе биде одложена до есен. 

Во следните месеци ќе ѝ се даде повеќе простор на економијата да се опорави од коронакризата.

Но што содржи драфт-верзијата на законот? 

Кој ќе работи во недела задолжително ќе мора да добие една и пол дневница, но и слободен ден. Синдикатот инсистира ако се работи во недела, тогаш слободен ден да биде сабота, или понеделник. Но за работодавачите ваквиот предлог е неприфатлив. 

„Ние во недела мора да му гарантираме на работникот дека ќе седи дома. А секој оној што ќе оди на работа, сабота како претходен ден или понеделник, како ден потоа, да му биде неработен ден. Значи кој ќе работи во недела да одмара или во сабота или во понеделник“. – Дарко Димовски, претседател на Сојуз на синдикати на Македонија.

„Непотребо е да се врзува веднаш слободниот ден за следниот ден, туку на работникот да му се дозволи да земе ден до крајот на следната недела. Затоа што и во Директивата на ЕУ е ставен контролен период од 14 дена во кој работникот мора да има, во просек, еден ден за неделен одмор“. – Ангел Димитров, Организација на работодавачи.

Според досегашните пресметки за една третина од работниците неделата ќе остане работна, 34 дејности ќе можат да работат. Освен за армијата, војската и фабриките кои не може да го прекинат производството, неделата останува работен ден за аптеките, бензиските, транспорт, медиуми, пожарникарски и погребални услуги, прехрана, хотели.

Според сегашниот Закон за работни односи, во неделата мора да има еден ден на неделен одмор, но тоа не мора да биде недела. Ако се работи во недела, ниту според законот, ниту според колективните договори, следува додаток на дневница.

Извор: ТВ24