Денес за 350.000 евра можете да купите цело село, а не само куќа: Како тажниот феномен ја разорува моќната европска земја?
Празните села во Шпанија за некои се добра инвестиција.
На северозападот од Шпанија, километри жолти предели се прекинати само со по некое село – често составено од неколку распаднати камени куќи собрани околу црква. Јавен превоз таму речиси и да нема, растојанијата се преголеми за пешачење, а автомобилот е единствен начин за поврзување со остатокот од земјата.
Ова се типични слики на она што е наречено España Vacía („Празна Шпанија“) – делови од земјата кои забрзано се празнат, пишува Bloomberg.
„Празна Шпанија“
Депопулацијата на руралните подрачја започнала уште во средината на 20. век, кога луѓето масовно се преселувале во градовите во потрага по работа во фабриките. Процесот последниве години дополнително се забрзал, особено во внатрешноста на земјата.
Извештај на Владата покажува дека рурална Шпанија меѓу 2014 и 2023 година изгубила 4,4% од жителите, иако вкупната популација на државата пораснала за 2,6%.
„Стотици села ќе исчезнат затоа што младите не сакаат да живеат таму“, предупредува Хуан Хозе Манзано, коосновач на организацијата AlmaNatura, која се занимава со ревитализација на рурални области.
Иако 84% од територијата ја сочинуваат рурални подрачја, таму живее само 16% од населението. Со помалку луѓе кои ги одржуваат шумите и ливадите, терените стануваат уште поранливи на пожари.
Повраток на село
За да се сопре овој тренд, властите и приватни иницијативи нудат различни решенија. Владата дури формираше и специјално министерство за „Празната Шпанија“.
Во меѓувреме, сè повеќе градски жители, уморни од урбаниот стрес и високите трошоци, размислуваат за повраток на село.
Агенцијата Aldeas Abandonadas, специјализирана за продажба на напуштени села, минатата година продала село во близина на Бургос на холандски пар за 350.000 евра. Новите сопственици, математичарката Мајке Геуртс и нејзиниот партнер, планираат да создадат еко-село, да ги обноват куќите и да привлечат заедница на истомисленици.
„Сакавме да направиме нешто добро со нашите пари, а не целиот живот да го поминеме пред компјутери“, вели Геуртс.
Слична приказна има и во Вилалибадо, село напуштено повеќе од 30 години, кое во 2007 година го купиле браќата Ансотеги. Првичната идеја била да изградат неколку куќи за пензионери, но проектот се претворил во туристички комплекс со ресторан, барови, базени и обновена црква од 12. век. Денес селото е дестинација за венчавки, духовни програми и научни собири.
„Среќни сме што селото повторно оживеа“, вели градоначалникот Алонсо Манхон, додавајќи дека тоа мотивирало и други жители да вложуваат во своите куќи.
Нов бран на живот
Ревитализацијата на Вилалибадо донела корист и на соседниот Виладиего, град со 1.500 жители. Посетителите таму трошат пари во локалните кафулиња и музеи, а градот нуди она што селата немаат – банки, училишта, здравствена грижа.
Виладиего привлекува нови жители, а летно време плоштадите се полни со семејства и млади – слика невообичаен за руралните места каде населението забрзано старее.
Но, само неколку километри подалеку лежи и другата страна на приказната. Виламорон, некогаш село со 150 жители и готска црква, денес е целосно препуштено на природата – куќите и гробиштата се обраснати со коров, а единствен сведок за поранешниот живот е црквата Сантијаго Апостол.
Генерациска обнова?
Меѓу најуспешните иницијативи е HolaPueblo, програмата на AlmaNatura која од 2020 година помага семејства да се доселат во напуштени села. Досега 85 семејства се преселиле и отвориле нови пекари, барови, уметнички студија и работилници.
Таков е примерот со семејството Падин од Венецуела, кое поради кризата се преселило во Пласин, Галиција. Рикардо Падин таму изработува ножеви во сопствена работилница. Иако се соочува со проблеми како лош интернет и далечни училишта, вели дека веќе ги познава сите соседи и чувствува дека нивното присуство создава „моментална економска активност“.
Истражувањата исто така упатуваат на мали позитивни поместувања. Според Социјалниот опсерваториум на фондацијата La Caixa, доселениците на возраст меѓу 20 и 39 години сочинуваат 10% од популацијата во општини со помалку од 10.000 жители. Тоа се гледа како сигнал за „генерациска обнова“ која би можела да го успори демографскиот пад.
Сепак, експерти како истражувачот Мигел Гонзалес-Леонардо предупредуваат дека локалните проекти сами по себе не можат да го променат структурниот тренд. Владата во 2021 година вложи 10 милијарди евра во борба против депопулацијата, а Андалузија нуди поддршка за купувачи на куќи во села со помалку од 3.000 жители. Но, ефектите досега се ограничени.
„Во наредните години некои општини ќе исчезнат затоа што недостига економска активност и ресурси“, вели Гонзалес-Леонардо.
Извор: EUpravo zato / Jutarnji list

