Економија

Државата денес официјално дел од СЕПА, олеснети и побрзи плаќања во евра

Министерството за европски прашања извести дека од денес, државата службено започнува со употреба на Единствената зона за плаќања во евра (СЕПА). Ова им овозможува на граѓаните и компаниите да реализираат и добиваат плаќања во евра кон и од државите членки на СЕПА, под еднакви услови како и во Европската Унија.

МЕП подвлекува дека денес, со почетокот на ефективната употреба за поедноставни, поекспедитивни и попристапни трансакции во евра, Македонија и официјално стана активен дел од европската зона за плаќања. Ова претставува значаен исчекор во унапредувањето на интеграцијата со единствениот европски пазар.

Пристапувањето кон СЕПА е дел од активностите во рамките на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, кој има цел да ја интензивира економската интеграција на земјите од регионот со Европската Унија преку проширен пристап до единствениот пазар, стимулирање на инвестиции и подобрување на финансиските услуги, наведува МЕП.

“Овој значаен напредок претставува конкретен резултат од заложбите на Владата и на Министерството за европски прашања на Република Македонија за спроведување на европските стандарди и подобрување на условите за граѓаните и бизнисите.”

Во известувањето се додава дека со воведувањето на СЕПА плаќањата, нашата држава се доближува до европските финансиски текови и го потврдува својот континуиран прогрес на патот кон членство во Европската Унија.