Светот на работникот

„Државни патишта“ вработи 143 инкасанти за наплата на патарина

Јавното претпријатие „Државни патишта“ на неопределено време вработи 143 инкасанти за наплата на патарина, по огласот што го објави пред крајот на минатата година.

Одлуката за избор на кандидатите со имиња и презимиња е објавена на веб-страницата на јавното претпријатие пред десетина дена. Од ЈПДП велат дека конечната ранг-листа е направена според претходно разгледување на доказите за задоволување на условите и направените интервјуа со кандидатите.

Станува збор главно за досегашни инкасанти на наплатните пунктови за патарина, кои со години „државни патишта“ ги плаќаше со привремени договори и so нивно продолжување.

Во меѓувреме бројот на инкасантите се зголеми со потребата од повеќе патарини на новите автопати Смоквица – Демир Капија и Миладиновци – Штип. Овие работници немаа решенија на неопределено време и трошоците за нивна исплата се водеа под посебна ставка во сметководството на јавното претпријатие.

На огласот за 143 вработувања, беше предвидено на неопределено време да се вработат 66 Македонци, 58 Албанци, деветмина Турци, петмина Роми, еден Влав, двајца Бошњаци и уште двајца од други националности.